ЦУК: Четири пожари се активни во Македонија, три се под контрола

Најголем дел од активните пожари зафаќаат шума, ниска вегетација и пасишта, а пожарникарите и надлежните служби продолжуваат со интервенциите.

Вкупно 31 пожар на отворен простор се регистрирани во Македонија до 7:30 часот утринава, од кои четири се активни, три се под контрола, а 24 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Активни пожари има на подрачјата на Студеничани и Зелениково, Гостивар и Македонски Брод, Чашка и Струга.

Во реонот на Студеничани и Зелениково гори мешана шума, со пожарна линија од Моране и Вртекица кон Рамни Габер и крак кон Палиград, како и над селото Вражале и кај Тисовица.

Пожарот во село Трново, Општина Гостивар, се шири кон селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод. Таму гори нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат. Активен е и пожарот над село Нежилово во Општина Чашка, во месноста Сватови, каде гори ниска вегетација и смреки. Во село Франгово, Општина Струга, гори нискостеблеста шума и ниска вегетација.

Три пожари под контрола

Под контрола се пожарите во село Тајмиште во Општина Кичево, каде гори високостеблеста букова шума, на депонијата во Делчево и во село Стрмница во Општина Брвеница.

Изгаснати 24 пожари

Во текот на изминатото деноноќие целосно се изгаснати 24 пожари на отворен простор. Меѓу нив се пожарите во Желино, Стримница, Одри, Непроштен, Македонски Брод, Зајас, Делчево, Градско, Гостивар, Росоман, Босилово, Арачиново, Карпош, Гази Баба, Струмица, Кавадарци, Берово, Куманово, Шуто Оризари и Битола.

Најчесто горела ниска вегетација, грмушки, шума, трска, пасишта и отпад, а во неколку случаи биле зафатени и лозови и овошни насади. ЦУК продолжува да ја следи состојбата на теренот и да ги координира активностите за справување со активните пожари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс