„Центарски улици 4“ во галерија: Студентски дела создадени во живо на Светскиот ден на уметноста

Делата на студентите по ликовна уметност од АУЕ ФОН, создадени во живо на „Центарски улици 4“, ќе бидат претставени на изложба посветена на уметноста во јавниот простор.

Изложба инспирирана од атмосферата, луѓето и уметничката енергија на манифестацијата „Центарски улици 4 – Светски ден на уметноста“ ќе ги претстави делата на студентите по ликовна уметност од АУЕ ФОН.

На изложбата ќе бидат прикажани слики создадени во живо за време на манифестацијата, како непосреден уметнички одговор на случувањата во јавниот простор. Студентите, граѓаните и уличните уметници заеднички го одбележаа Светскиот ден на уметноста, претворајќи ги улиците во простор за создавање, комуникација и слободен израз.

Манифестацијата „Центарски улици – Светски ден на уметноста“ е дел од Годишната програма за култура на Општина Центар, а ја реализира „Тим Театрос К“. Според организаторите, изложените дела ја пренесуваат динамиката на јавниот простор и атмосферата на улицата, прикажувајќи ја како место каде што се среќаваат различни форми на креативност, дијалог и уметнички израз.

Преку непосредното создавање на делата, студентите ја документираат енергијата на настанот, но истовремено покажуваат и како јавниот простор може да стане отворена сцена за современо уметничко творештво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс