Годишната инфлација во април изнесува 5,7 проценти, а месечната 1,3 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Народната банка на Македонија не ја зголеми основната каматна стапка, додека премиерот Мицкоски најави дека Владата ќе чека да помине мај пред да одлучи за евентуални мерки за стабилизација на цените.
Месечниот раст ја открива енергетската криза
Годишната инфлација од 5,7 проценти не дава целосна слика за тоа дали енергетската криза по нападот на САД и Израел врз Иран веќе се прелила во македонската економија. Месечните податоци се порелевантни: цените во април пораснале за 1,3 проценти во однос на март, а храната е поскапа за 0,7 проценти на месечно ниво. Според аналитичарите, токму месечниот раст упатува дека геополитичката нестабилност почнува конкретно да се одразува врз цените.
Мицкоски: главниот проблем е во услугите, не во храната
Според премиерот Христијан Мицкоски, најголемиот притисок врз инфлацијата доаѓа од секторот услуги, а не од основните прехранбени производи. Авионскиот превоз бележи раст на цените и до 150 проценти. „Во моментот опцијата основните прехранбени производи, ДДВ коешто е 5% да биде намалено, сè уште е на маса. Но, повторно ви велам, околу 0,7% или 0,8% е месечната промена на цените на основните прехранбени производи, на сметка на транспортните услуги, тоа е отприлика она што е предмет на нашата анализа”, изјави Мицкоски. Одлуката за мерки ќе се донесе откако ќе се согледаат движењата на цените во мај.
НБРМ ја зголеми прогнозата за инфлацијата во 2026
Народната банка денеска објави значителна нагорна корекција на очекувањата за инфлацијата. Во октомври минатата година, централната банка проценувала дека инфлацијата во 2026 ќе изнесува 2,5 проценти. Новата прогноза е четири проценти до крајот на годината. И покрај оваа корекција, гувернерот Трајко Славески потврди дека на седницата од 5 мај не била донесена одлука за зголемување на основната каматна стапка.
„Сега за сега, вие прашавте директно, мислам дека тоа не беше причина барем на 5 мај, ние да донесеме одлука за корекција нагоре на основната каматна стапка на Народна банка на Република Македонија”, изјави Славески. Централната банка ги следи потезите на најголемите централни банки во светот, кои засега исто така не преземале интервенции преку зголемување на референтните каматни стапки.