Во Србија утрово е целосно запрен железничкиот сообраќај, само неколку часа пред закажаниот голем студентски и граѓански антивладин протест во Белград. Државната компанија „Србијавоз“ соопшти дека од 4:15 часот е прекинат сообраќајот на сите возови во земјата, без да бидат наведени официјални причини за ваквата одлука.
Според дел од српските медиуми, илјадници граѓани и студенти од повеќе градови планирале да пристигнат во Белград токму со воз, за да учествуваат на протестот на плоштадот „Славија“, кој се одржува под слоганот „Ти и ја – Славија“.
Порталот „Данас“ пишува дека слични прекини на железничкиот сообраќај се случувале и претходно пред големи собири, додека дел од опозициските претставници оценуваат дека станува збор за обид да се намали масовноста на протестот.
Во јавноста и на социјалните мрежи се појавија и информации дека можната причина за прекинот се дојави за бомби, но за тоа засега нема официјална потврда. Од „Србијавоз“ апелираат патниците да ги следат официјалните известувања. Белград од раните утрински часови е во знакот на подготовките за протестот против власта на претседателот Александар Вучиќ, за кој организаторите очекуваат голем одѕив од цела Србија.