Како правилно да ги чувате лековите за време на високите температури

Високите летни температури можат сериозно да влијаат врз стабилноста и ефикасноста на лековите. Експертите предупредуваат дека неправилното складирање може да доведе до губење на нивното дејство и потенцијални здравствени ризици. Затоа е важно да се знае како правилно да се чува домашната аптека во топлотни бранови.

Лековите се чувствителни на високи температури, а експертите предупредуваат дека над 25 степени Целзиусови може да дојде до промени во нивната хемиска структура, што директно влијае врз нивната ефикасност и безбедност. Според фармацевтски и здравствени извори, најголем дел од лековите се тестираат и се чуваат во услови до 25°C, што значи дека секое изложување над оваа граница носи ризик од деградација на активната супстанца. 

Експертите објаснуваат дека оптималните услови за чување на таблети и капсули се суви, темни простории со стабилна температура помеѓу 15 и 25°C. Простории како купатило и кујна не се препорачуваат поради зголемената влажност и топлина. Во услови на екстремни жештини, дел од лековите може да се чуваат и во фрижидер, но само доколку тоа е наведено од производителот или фармацевтот. 

Фармацевтите предупредуваат дека особено чувствителни се лекови како инсулин, антибиотици, лекови за срце, хормонска терапија и одредени капки (за очи, нос и уши), кои бараат строго контролирана температура од 2 до 8°C. Неправилното чување може да доведе до намалена ефикасност, промена на бојата или мирисот, па дури и целосна разграда на лекот. 

Исто така, експертите предупредуваат дека лековите не треба да се оставаат во автомобили, на прозорци или блиску до извори на топлина како шпорети и рерни. Дури и кратко изложување на високи температури може да го наруши нивниот состав. 

Во летните месеци се препорачува лековите да се чуваат во оригинално пакување, заедно со упатството, во посебен ормар или фиока во најладниот дел од домот. Дополнително, при патување се советува употреба на термо-торби за да се избегнат температурни шокови.

Стручњаците потенцираат дека неправилното чување на лекови е глобален проблем и дека голем процент од домаќинствата несвесно ги изложуваат медикаментите на ризик, што може директно да влијае врз терапијата и здравјето на пациентите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс