Млади уметници од Скопје, Белград и Сараево ја создаваат изложбата „Чувства на припадност“

Преку архивирање на женскиот антифашизам и критика на урбаната трансформација, авторите отвораат простор за три заеднички изложби.

Млади уметници од Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина ги завршија истражувачките сесии во Скопје во рамки на регионалната програма „Чувства на припадност“. Во просториите на КСП Јадро и низ централното градско подрачје, авторите работеа на деконструкција на колективната меморија, женското антифашистичко наследство и просторните политики. Процесот сега преминува во продукциска фаза, која ќе резултира со завршни изложби во трите главни градови и заедничка дигитална архива.

Во организација на Атриум, во партнерство со Realstage од Сараево и Рефлектор театар (Центар Е8) од Белград, се одржа регионалната уметничка програма „Чувства на припадност“ (Senses of Belonging) во КСП Јадро и скопската околина.

Програмата ги обедини младите учесници од трите земји во заеднички истражувачки и уметнички процес, насочен кон преиспитување на личните и колективните искуства на припадност, идентитетските определби и општествените односи. Низ серија работилници, предавања, просторни истражувања и колективни уметнички вежби, учесниците имаа можност да ги развиваат своите авторски концепти и да ги истражуваат различните медиуми преку кои нивните искуства и перспективи можат да добијат уметничка форма.

Програмата започна со сесија на Јана Коцевска, посветена на историјата и значењето на Антифашистичкиот фронт на жените во Македонија и општествените промени што ги поттикнало женското антифашистичко организирање. Преку посета на споменикот на Оливера Јоциќ, учесниците ги разгледуваа начините на кои женските антифашистички истории се паметат, бришат и (ре)интерпретираат во контекст на историскиот ревизионизам.

Истражувањето на колективната меморија продолжи низ рефлексивна прошетка низ централното градско јадро на Скопје, предводена од Дино Чупевски. Преку набљудување на модернистичкото и бруталистичкото архитектонско наследство, како и интервенциите во малиот ринг од проектот „Скопје 2014“, учесниците разговараа за современиот третман на културното наследство, урбаните трансформации и нивното влијание врз чувството на припадност кон град што рапидно се трансформира низ децениите.
Во работилницата со филмскиот режисер Стеван Филиповиќ, фокусот беше насочен кон развојот на индивидуалните авторски концепти и можностите за преточување на личните искуства, чувства и фрагментарни мисли во конкретни уметнички идеи.

Вториот програмски ден продолжи со сесија на трансдисциплинарната уметница Клелија Живковиќ, која го истражуваше поимот на оживеаноста (aliveness) како телесно искуство, желба, политичка сила и ресурс. Низ квир перспективи и размислувања за меѓусебната поврзаност на живиот свет, учесниците отворија прашања за можностите за замислување поинакви реалности и начини на постоење.

Театарската режисерка Хана Миленковска ја водеше работилницата „Присуството како аспект на припадноста“, во која преку театарски и перформативни вежби се истражуваа односите меѓу телото, просторот и другите. Работилницата ја разгледуваше припадноста како искуство што се создава низ активно учество, внимание и воспоставување меѓусебни односи.

Со визуелниот уметник Бојан Стојчиќ, учесниците го истражуваа концептот на „невозможниот музеј“ како појдовна точка за заедничко размислување за кураторските пристапи кон завршните изложби.

Замислувајќи изложбени простори ослободени од вообичаените просторни, технички и финансиски ограничувања, групата ги отвори можностите за поврзување на индивидуалните дела во заедничка изложбена целина, која понатаму ќе се развива во согласност со продукциските услови во трите градови.
Со завршувањето на регионалната програма во Скопје, „Чувства на припадност“ влегува во следната фаза на индивидуален уметнички развој и заедничка изложбена продукција. Во наредниот период, учесниците ќе продолжат да ги развиваат своите дела со менторска и продукциска поддршка, а резултатите од процесот ќе бидат претставени преку три групни изложби во Скопје, Сараево и Белград, како и преку заедничка дигитална платформа.


Проектот „Чувства на припадност“ се реализира со поддршка на Канцеларијата за регионална младинска соработка (RYCO), во партнерство меѓу Атриум (Скопје), Реалстејџ (Сараево) и Рефлектор театар / Центар Е8 (Белград).

е-Трн да боцка во твојот инбокс