Црна Гора слави 20 години независност, но поделбите не заминаа со референдумот

Две децении по тесната референдумска победа, Црна Гора е членка на НАТО и кандидат за ЕУ, но сè уште живее со истите политички и идентитетски линии што ја пресекоа земјата во 2006 година.

Црна Гора денес одбележува 20 години од референдумот на кој ја обнови својата државна независност. На 21 мај 2006 година, граѓаните одлучуваа дали земјата ќе остане во заедничка држава со Србија или ќе стане независна држава со целосен меѓународен правен субјективитет.

Референдумот беше еден од најтесните и најважните политички моменти во поновата балканска историја. Излезноста беше 86,5 проценти, а за независност гласаа 55,5 проценти од излезените граѓани, додека 44,5 проценти беа за останување во заедничка држава со Србија. Практично, Црна Гора ја помина границата за независност за само половина процент над прагот од 55 проценти.

Дваесет години подоцна, Црна Гора е меѓународно призната држава, членка на НАТО и една од земјите од Западен Балкан што најчесто се споменува како најнапредна во процесот на пристапување кон Европската Унија. Но, државната независност не ги затвори сите прашања. Напротив, голем дел од старите поделби околу идентитетот, односите со Србија, улогата на Српската православна црква и надворешнополитичкиот правец на земјата останаа жива политичка линија.

Кампањата за независност во 2006 година ја водеше блокот околу тогашниот лидер на Демократската партија на социјалистите, Мило Ѓукановиќ, додека спротивниот блок се залагаше за зачувување на заедничката држава со Србија. Малцинските заедници имаа важна улога во блокот за независност, што и денес се чита како еден од клучните фактори за исходот на референдумот.

Симболиката на годинешната прослава е уште посилна затоа што во првите редови на државните настани сега седат и политичари кои пред две децении беа против независноста. Меѓу нив е претседателот на парламентот Андрија Мандиќ, лидер на Новата српска демократија, кој денес е еден од најважните политички актери во земјата.

Белград, според дел од аналитичарите, никогаш целосно не ја прифатил независноста на Црна Гора и сè уште ја гледа како „привремено загубена територија“. Поради тоа, се оценува дека Србија ќе продолжи да го забавува европскиот пат на Подгорица, бидејќи евентуалното членство на Црна Гора во ЕУ би го урнало наративот дека „Европа не го сака регионот“ и би ја извадило земјата од политичкиот, правниот и безбедносниот дофат на Белград.

Токму затоа, 20 години по референдумот, Црна Гора не слави само јубилеј. Таа повторно се соочува со прашањето дали може да изгради заедничка европска иднина врз основа на државност што формално е решена, но политички и идентитетски сè уште се оспорува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс