Струга станува центар на креативноста, нова иницијатива за млади, уметност и културен развој

Во Паркот на поезијата во Струга ќе се одржи креативен базар што ги обединува занаетчиите, уметниците и малите бизниси. Настанот има цел да ја поттикне локалната креативност и да создаде простор за директна средба меѓу авторите и публиката.

Струга во сабота, 6 јуни 2026 година, ќе биде домаќин на „Craft to Impact – Социјален креативен базар“, настан кој ги поврзува локалните креативци, занаетчии, претприемачи и граѓани околу идејата за креативност со општествено влијание.

Базарот ќе се одржи во Паркот на поезијата, со почеток во 12:00 часот. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со автори на рачни изработки, оригинални креации и мали локални бизниси кои преку својата работа внесуваат нови идеи, вештини и иницијативи во заедницата.

Настанот е замислен како простор за поддршка на локалните приказни и за претставување на производи создадени со личен труд, креативен пристап и претприемачки дух. Покрај продажниот и изложбениот карактер, базарот има и поширока цел – поврзување на креаторите со публиката што сака да поддржи автентични локални производи и иницијативи.

„Craft to Impact“ става фокус на малите креативни бизниси, занаетчиството и социјалното претприемништво, како сегменти што сè повеќе стануваат дел од локалниот економски и културен живот. Организаторите најавуваат пријатна атмосфера, рачни изработки, оригинални производи и средби со луѓе кои преку својата работа ја збогатуваат заедницата.

Со вакви настани, Струга добива уште една можност да се претстави како град во кој културата, креативноста и локалната иницијатива се спојуваат во отворен јавен простор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс