CODOMESTICATION на „Прво па женско“: перформанс за грижа и мајчинство

Делото ја отвора темата за грижата, мајчинствувањето, домашните реалности и условите под кои се создава уметност.

Перформансот CODOMESTICATION ќе биде изведен на 13 мај, во 19:00 часот, во Театарот за деца и младинци, во рамки на 14. издание на фестивалот „Прво па женско“.

Делото е на Крот Јурак и Алекс Бејли, уметници од Естонија и Велика Британија, моментално базирани во Австрија. CODOMESTICATION е перформанс во кој учествуваат деца и возрасни, но му се обраќа пред сè на возрасниот свет, отворајќи прашања за грижата, мајчинствувањето, работата и условите во кои се создава уметност.

Проектот првично е создаден заедно со нивното мало дете, а потоа се развива преку работилници и локални изведби како дел од турнејскиот концепт showing without going, во рамки на проектот „(M)others on tour“.

Во Македонија, локалната верзија е ко-креирана и изведувана од актерката Симона Спировска-Костовска со нејзините деца. Првата изведба се случи минатиот ноември, на затворањето на Performance Platform Festival на Локомотива.

CODOMESTICATION ја става грижата во центарот на сцената. Перформансот ги преиспитува границите меѓу приватното и јавното, животот и работата, домот и уметничкото производство. Наместо да ја третира грижата како нешто што се случува „зад сцената“, делото ја поставува како креативна, колективна и политичка практика.

Во контекст на „Прво па женско“ #14, перформансот отвора важно прашање: кој има можност да создава уметност и под кои услови. Без структурна поддршка, многу гласови, особено оние на мајките, родителите и негувателките, остануваат маргинализирани во културниот простор.

Изведбата се реализира во соработка со Performance Platform Festival #PPF и Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата. Билетите чинат 250 денари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс