CNN: Руски брод со нуклеарен товар потонал кај Шпанија? Се појавија сомнежи за тајна мисија кон Северна Кореја

Американски CNN објави нови детали за потонувањето на рускиот брод „Урса Мајор“ кај брегот на Шпанија, за кој постојат сомнежи дека превезувал компоненти за нуклеарни реактори, можеби наменети за Северна Кореја.

Руски товарен брод за кој постојат сомнежи дека превезувал компоненти за два нуклеарни реактори, потенцијално наменети за Северна Кореја, потонал во Средоземното Море по серија мистериозни експлозии, објави американскиот медиум CNN. Инцидентот се случил во декември 2024 година во близина на шпанскиот брег, а новите детали од истрагата отвораат сомнежи за таен транспорт на чувствителен воен товар.

Мистериозно патување на „Урса Мајор“

Бродот „Урса Мајор“, познат и како „Спарта 3“, потонал на 23 декември 2024 година, на околу 60 милји од шпанскиот брег. Според CNN, бродот најверојатно бил поврзан со чувствителен товар од рускиот одбранбен сектор, а можно е и со Северна Кореја. Бродот испловил од Русија кратко откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун испратил воена поддршка за Москва во војната против Украина. „Урса Мајор“ претходно бил користен и во руските воени операции во Сирија.

На 2 декември бродот пристигнал во руското пристаниште Уст-Луга, а потоа се преместил во контејнерски терминал во Санкт Петербург. Во официјалните бродски документи како дестинација бил наведен Владивосток на рускиот Далечен Исток. Товарот бил опишан како два големи „капачиња за шахти“, 129 празни контејнери и две големи кран-дизали од германската компанија „Либхер“.

Но, шпанските власти подоцна соопштиле дека рускиот капетан на истражителите им рекол дека бродот превезувал „делови за два нуклеарни реактори, слични на оние што се користат во подморници“. Тој додал дека не може да потврди дали товарот содржел нуклеарно гориво.

Експлозии и потонување

За време на пловидбата покрај европскиот Атлантик, „Урса Мајор“ бил следен од португалската морнарица. Според нивните информации, бродот бил придружуван од два руски воени брода – „Иван Грен“ и „Александар Отраковски“. На 22 декември, откако португалските сили престанале со следење, бродот нагло забавил во шпанските води. Околу 24 часа подоцна, екипажот испратил повик за помош по три експлозии на десната страна од бродот, во близина на машинскиот простор. Во експлозиите загинале двајца членови на екипажот.

Останатите 14 морнари биле спасени од шпанските служби.

Нови експлозии и сомнежи за саботажа

Според CNN, шпанските спасувачки тимови првично процениле дека бродот нема веднаш да потоне. Но подоцна истата вечер биле регистрирани нови експлозии во близина на пловилото, непосредно откако рускиот воен брод „Иван Грен“ наредил другите бродови да се оддалечат од областа. Шпанската национална сеизмолошка мрежа во тој период регистрирала четири сигнали кои, според експертите, наликувале на подводни експлозии. Неколку часа подоцна „Урса Мајор“ потонал.

Можно одредиште – Северна Кореја

Рускиот капетан Игор Анисимов подоцна изјавил пред истражителите дека верува оти крајната дестинација на бродот можеби била севернокорејската лука Расон. Шпанските истражители поставиле прашање зошто Русија би користела долг поморски пат за транспорт на ваков товар, кога постои развиена железничка мрежа што ги поврзува западниот и источниот дел на земјата.

Американски авиони за нуклеарно следење над местото на несреќата

Дополнително внимание предизвикале и американските авиони WC-135R, познати како „нуклеарни трагачи“, кои двапати го надлетале местото каде што потонал бродот. Овие авиони се користат за откривање радиоактивна контаминација и анализа на нуклеарни честички. Шпанските власти соопштија дека засега нема докази за радиоактивно загадување долж јужниот брег на Шпанија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс