Бркајте ги комарците од терасата со помош на цитронела

Покрај пријатниот мирис за луѓето, оваа лесна за одржување билка создава природна бариера која им го отежнува движењето на инсектите.
Фото: Mokkie, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Со пристигнувањето на топлите летни вечери, комарците стануваат најголемата препрека за релаксација на балконот или во дворот. Иако пазарот нуди бројни хемиски средства и електрични апарати, сѐ повеќе луѓе се вртат кон природни решенија. Меѓу нив, цитронелата се издвојува како една од најефикасните билки чиј специфичен цитрусен мирис делува како природна заштита и ги одбива комарците, истовремено додавајќи свежина и медитерански шарм во надворешниот простор.

Цитронелата (Cymbopogon nardus), позната и како лимонска трева, е аматично растение чие етерично масло со децении се користи во производството на свеќи и природни репеленти. Нејзиниот свеж мирис е исклучително пријатен за луѓето, но за комарците претставува пречка, им ги блокира сетилата со кои го препознаваат присуството на луѓето. Поставувањето на неколку саксии во просторот каде што седите го намалува присуството на инсектите.

Оваа билка е исклучително едноставна за одгледување, што ја прави идеална за балкони и тераси. Цитронелата бара сончеви места и добро дренирана почва. Потребно е редовно наводнување, со внимавање водата да не се задржува во коренскиот систем. Бидејќи не е отпорна на мраз, за време на студените зимски месеци треба да се премести во внатрешна, светла просторија.

За уште подобар ефект, ботаничарите препорачуваат цитронелата да се комбинира со други ароматични растенија кои исто така содржат етерични масла што ги одбиваат комарците:

  • Лаванда
  • Босилек
  • Мента (нане)
  • Рузмарин

Оваа комбинација не само што создава ароматичен зелен агол, туку нуди и дополнителна корист бидејќи дел од овие билки можат да се користат во кујната.

Експертите напоменуваат дека ниту една билка не може целосно да ги елиминира комарците доколку тие се присутни во голем број. Најдобри резултати се постигнуваат со комбинирани мерки: редовно празнење на подлошките од саксиите каде што се собира стоечка вода, поставување мрежи на прозорците и поставување на саксиите со цитронела директно до масите или столиците каде што најчесто престојувате.

е-Трн да боцка во твојот инбокс