Легендарниот „Спачек“ се враќа како електричен автомобил

Citroën официјално го најави враќањето на легендарниот 2CV во електрично издание, со идеја повторно да понуди едноставен, достапен и практичен автомобил за секојдневен живот.

Легендарниот Citroën 2CV, кај нас познат како „Спачек“, се враќа во ново, електрично издание. Повеќе од три децении по прекинот на производството, Citroën официјално потврди дека подготвува модел инспириран од еден од најпрепознатливите автомобили во европската автомобилска историја.

Од компанијата најавуваат дека новиот 2CV нема да биде само ретро-копија на стариот модел, туку современо толкување на истата идеја: едноставен, достапен, практичен и електричен автомобил за секојдневен живот. Повеќе детали за проектот ќе бидат откриени на Саемот за автомобили во Париз во октомври 2026 година.

Извршниот директор на Citroën, Ксавиер Шардон, порача дека враќањето на 2CV е обид да се пренесе духот на оригиналот во нова ера. Оригиналниот модел, претставен во 1948 година, им даде мобилност на милиони луѓе во Европа. Новата верзија, според Citroën, треба да ја направи електричната мобилност подостапна за нова генерација возачи.

Според најавите, новиот модел ќе биде 100 проценти електричен, произведен во Европа и со цена под 15.000 евра. Тоа го става проектот во пошироката стратегија на Stellantis за мали и поевтини електрични автомобили, кои треба да ја вратат достапноста во сегмент што последниве години стана сè поскап. Reuters објави дека Stellantis планира производство на мал електричен автомобил од околу 15.000 евра во фабриката во Помиљано д’Арко во Италија, со старт на производство во 2028 година.

Новиот „Спачек“ треба да ја задржи препознатливата филозофија на 2CV: лесна конструкција, практичност, ниски трошоци и карактер што не се губи во морето слични градски автомобили. Првите најави упатуваат дека моделот ќе се потпира на духот на оригиналот, но ќе мора да се приспособи на денешните стандарди за безбедност, емисии и електрични платформи.

Citroën 2CV првпат беше претставен на 7 октомври 1948 година на Саемот за автомобили во Париз. Неговото име значи „два коња“, а во Франција беше познат како „la deudeuche“. Со едноставен дизајн, ниска цена и неверојатна практичност, моделот стана симбол на повоената мобилност и еден од најомилените европски автомобили.

Производството на оригиналниот 2CV заврши во 1990 година, во фабрика во Португалија, поради сè построгите европски стандарди. Сега, 36 години подоцна, „Спачек“ се враќа во сосема поинаков автомобилски свет, каде главната трка веќе не е само за коњски сили, туку за батерии, цена и достапност.

Ако Citroën успее да ја задржи едноставноста што го направи 2CV легенда, новиот „Спачек“ може да стане нешто повеќе од уште еден електричен модел. Може да биде тест дали автомобилската индустрија сè уште знае да направи автомобил за луѓе, а не само за каталози, апликации и премиум пакети.

е-Трн да боцка во твојот инбокс