Search

Катанците потешки од мостовите – вечните чувари на љубовта низ градовите

Од 2011 па наваму Мостот на револуцијата во Скопје е „Мост на љубовта“ поради обичајот на љубовните двојки да закачуваат катанци како симбол на нивната врска. Со комплетната реконструкција на мостот започнува и создавањето на неговата нова приказна. Оградата на мостот која е изработена од стилско железо веќе 12 години е сведок на љубовта на многу парови.

Колку пати сте се запрашале дали личноста што ја сакате е вистинската за целиот живот? Сведоци сме дека заљубените ги искажуваат емоциите на различни начини: од купување подароци, тетовирање на името на саката личност па сè до преселување во друг град или држава само да бидат што поблиску до партнерот или партнерката. Сепак, традицијата која е започната и не така одамна, а носи одредена симболика е познатото „заклучување“ на љубовта на некој од мостовите ширум светот. Дали и вие некогаш сте го изгравирале името или иницијалите на катанец и сте го закачиле на некој од мостовите? Звучи романтично, зарем не?

Постојат голем број мостови ширум светот, кои со своите приказна и верувања за нив станале симболи на вечна љубов. Приказните се различни, но симболиката им е заедничка: вечна љубов со саканата личност. Се верува дека традицијата почнува од Кина и тоа од првиот век пред новата ера. По заклучувањето на катанецот на кој се гравирани или напишани имињата, односно иницијалите на партнерите, клучот се фрла во реката како катанецот никогаш не би бил отклучен, а се верува дека така љубовта никогаш не би згаснала.

Кој прв почна да ја „заклучува“ љубовта

Под притисокот на љубовта, мостовите ширум светот одолеваат на катанците на кои паровите ги испишуваат своите имиња и ги поставуваат на оградите. Некои од нив, како што е Мостот на уметноста, Pont des Arts, во Париз делумно се срушиле од тежината на љубовта или пак од 45 тонското железо.

Првите катанци на парискиот мост се појавија во 2008 година, а само шест години подоцна мостот веќе не можеше да го издржи теретот. Париските служби ги отстранија оградите со катанци, оставајќи порака: „Ако го сакате Париз немојте да ги уништувате мостовите“.

Иако се мисли дека целата оваа традиција тргнува од Франција всушност таа само го популаризираше обичајот. Париз не е првото место каде се појавил овој ритуал. За тоа од кој мост тргнува „заклучувањето“ на љубовта кружат повеќе теории, а според една, која се повторува на повеќе места, сè тргнало од соседна Србија, односно од Врњачка Бања.

Врњачка Бања, Србија

Непосредно пред проширувањето на Првата светска војна, учителката Нада и војникот Реља се сретнале на Мостот на љубовта, каде си ветиле еден на друг вечна љубов, но нивните планови биле уништени од војната. Реља никогаш не се вратил од војната поради Гркинката во која се заљубил, Нада останала со скршено срце. За да ја зачуваат својата љубов, девојките од Врњачка Бања почнале да ги пишуваат имињата на саканите на катанци, заклучувајќи ги на оградата на мостот, а клучевите ги фрлале во реката.

Според друга теорија, традицијата на љубовни катанци започнала во Кина, каде древниот обичај налага дека љубовта ќе остане силна се додека катанецот остане на синџирот.

Иако нема прецизни податоци кој пар прв ја „заклучи“ љубовта, традицијата и ден денес се шири во сите делови на светот.

Мост на револуцијата или Мост на љубовта над река Вардар

Скопје

Скопје како главен град на Република Македонија секојдневно е посетуван од бројни домашни и странски туристи. Некои од нив се воодушевуваат на Старата скопска чаршија, други на Водно или Кале. Сепак има и такви кои кога се во централното градско подрачје сакаат да направат неколку чекори по Мост на револуцијата.

Мостот преку реката Вардар што ги поврзува булеварите „Кочо Рацин“ и „Крсте Мисирков“ е изграден во 1963 година, а комплетно саниран и реконструиран во 2011 година. Од тогаш започнува да ја испишува и својата љубовна нота.

Скопје е рамо до рамо со големите европски градови, но само на љубовно поле

Од 2011 па наваму Мостот на револуцијата е „Мост на љубовта“ поради обичајот на љубовните двојки да закачуваат катанци како симбол на нивната врска. Со комплетната реконструкција на мостот започнува и создавањето на неговата нова приказна. Оградата на мостот која е изработена од стилско железо веќе 12 години е сведок на љубовта на многу парови.

„Пред пет години токму на овој мост го сретнав Давид. Верувам дека тоа не е случајно“, со блага насмевка вели штипјанката Марија. Таа и Давид, сега нејзин вереник, кога и да поминат по Мостот на револуцијата или како што многумина го нарекуваат Мостот на љубовта проверуваат дали нивниот катанец е сè уште тука.

Скопје

„Не сме суеверни, но сме големи романтичари. Ретко доаѓаме во Скопје, но кога и да се случи тоа секогаш сакаме да поминеме по овој мост. Како вчера да беше кога прв пат се сретнавме, беше врнежлив есенски ден. Брзав да стигнам на предавање, а зјапав и во мобилниот. Како на филм се судрив со Давид. И така некако се случи првиот контакт… На годишнината од нашата врска решивме да закачиме катанец како би ја „заклучиле“ љубовта“, вели Марија.

И за нејзниот вереник Давид чинот на „заклучување“ на љубовта е само симболика.

„Кога на некој што не не познава многу добро ќе му кажам каде и како сум ја запознал Марија ме прашува: Ставивте ли катанец?“, вели Давид додека за рака ја држи саканата.

Катанецот на Марија и Давид е само еден од стотиците катанци на оградите, од двете страни, на мостот.

Скопје

Иако, скоро една деценија Мостот на револуцијата се кити со катанци на неговите огради тој е безбеден. Во повеќе прилики градските власти изјавија дека не размислуваат за отстранување на катанците, бидејќи тие се во мал број, односно не ја загрозуваат безбедноста и стабилноста на мостот.

Љубовен мост и плоштад на поезијата во Загреб

Пред една деценија, во 2013 година, и Загреб им се придружи на светските градови кои имаат љубовни катанци на оградите од мостовите.

Загреб, Хрватска

„Катанците ја симболизираат заклучената љубов и ваквиот ритуал го пратикуваа се повеќе млади. Го заклучуваат катанецот на оградата, го бакнуваат и го фрлаат клучот во реката или во некоја друга бездна“, рече иницијаторката на проектот Мартина Немет.

Мостот на љубовта во Загреб, Хрватска, се наоѓа во непосредна близина на Музејот на современи уметности. Локалците велат, зад секој катанец се крие љубовна приказна. Зад секоја приказна стои знак на нова генерација. Во овој град има и една ограда полна со катанци поставена на малиот плоштад посветен на поетот Антун Густав Матош, познат по неговата љубовна поезија. Токму неговите стихови биле причина многу парови да почнат да ја заклучуваат својата љубов во близа на неговиот споменик.

Заклучена љубов – несигурни мостови

Ponte Milvio, Рим
Слична судбина како парискиот Мост на љубовта, доживеа и мостот Milvio над реката Тибар. И таму луѓето масовно прикачуваа катанци на оградите, сакајќи на симболичен начин да ја заклучат својата љубов, фрлајќи ги клучевите во Тибар. Сепак градските власти заклучиле дека тоа не само што ја нарушува естетиката на мостот туку влијае и на неговата безбедност. Кон крајот на 2011 година и овој мост доживеа ослободување, односно отстранување на катанците, но заљубените не издржаа и повторно ја продолжија традицијата.

Ponte Vecchio, Фиренца
Еден од симболите на италијанскиот град Фиренција е Стариот мост, односно Ponte Vecchio. Со години и на овој мост се заклучувани катанци, но поради сè поголемиот број дошло до намалена стабилност па морало да се отстранат „заклучените“ парови. Доколку денес се обидете да заклучите катанец на мостот Ponte Vecchio во Фиренца ризикувате да платите казна од неколку стотина евра.

Luzkov most, Москва
Уште еден во низата мостови на кој заљубените двојки закачуваа катанци, обидувајќи се еднаш за секогаш да ја овековечат љубовта, е и мостот Luzkov во Москва. Сепак, градските власти се решија да го исчистат мостот од сите катанци, бидејќи тие ја нагрдуваат сликата за мостот од архитектонски поглед.

Иако многумина веруваат дека денес љубовта сè повеќе се комерцијализира и дека вистинската, вечна љубов е речиси невозможна, глетката на мостовите во многу големи и мали градови низ Европа ја буди надежта и ја враќа вербата во вистинската и искрена љубов.

Фотографии: Ангел Ангеловски

Најново

Последни колумни