Search

Чизмите Dr. Martens се симбол на отпорот, бојата на врвките идеолошки израз

Обоените врвки за чевли може да значат дека сте геј или антирасист. Овој код на врвките може да се дефинира како средство за комуникација за оние во панк општеството, медиум каде што тие би можеле да ги изразат своите ставови за расата, сексуалната ориентација, па дури и активноста или припадноста на некоја субкултура.

Dr. Martens се едни од највлијателните брендови за обувки на сите времиња, од своето основање во 1945 година, брзо станаа главен избор за физичките работници, а потоа, во следните децении, станаа модна икона, претежно како дел од „униформата“ на различни култури и субкултури.

Оваа револуција започна во 60-тите од минатиот век, деценија на граѓански и културни немири, кои се карактеризираат со почетокот на различни контракултурни моменти, особено во Англија, каде што Dr. Martens беа навистина популарни во работничката класа. Ова значеше дека многу субкултурни движења, како што се скинхедсите, почнаа да носат Dr. Martens благодарение на нивната симболична вредност како симбол на британската работничка класа.

Панкот ги направи Dr. Martens светски бознат бренд

Но, она што навистина ги промовираше Dr. Martens пред остатокот од светот како еден од најрелевантните културни брендови, беше панк движењето, пишува „One block down“. Додека звукот на панкот веќе беше доста популарен благодарение на американските уметници и бендови како што се The Velvet Underground, New York Dolls и благодарение на местата како што се CBGB, како и движењето British Mod од ’60, една група од Јужен Лондон целосно ја преобликува оваа субкултура, ѝ го даде своето име и го подели периодот на „пред и пост“ Sex Pistols.

Овој иконски британски панк бенд, формиран од Џони Ротен, Стив Џонс, Глен Метлок, Пол Кук и Сид Вициус, стана светски феномен и се смета за еден од најпознатите влијателни групи на сите времиња. Сите носеа Dr. Martens, од Пит Тауншенд од The Who до Сид Вициус и Џони Ротен од Sex Pistols и Џо Страмер од The Clash, како и политичарот од лабуристичката партија Тони Бен, кој славно го носеше Dr. Martens во британскиот Парламент за поддршка на работничка класа. Dr. Martens влегоа во 80-тите како еден од најрелевантните брендови на глобално ниво и симбол на самоизразување.

Во следните децении, наследството на Dr. Martens во музичкиот свет се зголеми благодарение на новиот жанр што започна во средината на 80-тите во северозападниот дел на САД, Гранџ. Со оглед на тоа што Нирвана е најпознатиот бенд од овој поджанр, овој нов жанр и субкултура беше под влијание на панк стилот, па тие Dr. Martens брзо станаа дел и од нивната „униформа“.

На почетокот на векот, Dr. Martens беше автентичен глобален бренд, со обожаватели и продавници ширум светот, но тоа не го спречи брендот да стане уште попопуларен меѓу љубителите на музиката. Емо жанрот што стигна до мејнстримот во текот на 2000-тите длабоко ги фаворизираше чизмите на Dr. Martens благодарение на нивното наследство во светот на музичките субкултури.

Панк-рапот ги врати Dr. Martens меѓу младите од новата генерација

Ова значеше дека Dr. Martens беа претставени на нова и помлада генерација, која растејќи во доцните 90-ти и раните 2000-ти, немаше шанса да биде сведок на раѓањето на панкот или на големината на Гранџ, но сепак ги откри Dr. Martens како културна икона. И оваа генерација деца родени на крајот на векот порасна, а сега носат Dr. Martens како униформа за нов поджанр кој станува еден од најзначајните музички феномени на последните години, панк рап.

Овој поджанр започна да се формира во раните 2010-ти, со групите како Odd Future, но, во текот на еволуцијата во последната деценија, овој поджанр стана уште поголем, со изведувачи како Дензел Кари, JPEG Mafia, Ski Mask, the Slump God, City Morgue и многу други, интегрирајќи рок и панк звуци и инструменти во нивните песни и целосно менување на она што некој го очекува од рап шоу.

Овие нови изведувачи не само што се вратија назад за да ја слушаат музиката од 70-тите и 80-тите за инспирација, туку тие исто така погледнаа што носат овие револуционерни групи и, многу од нив, ги видоа Dr. Martens како природен избор за обувки, спротивставувајќи се на мејнстримот што сега носи патики, заедно со фактот дека, за една генерација која се бунтува против системот и статус кво, чизмите на Dr. Martens совршено ги отсликуваат овие идеали, благодарение на нивното наследство изградено во изминатите децении.

„Кодот на врвките“ – идеолошко дефинирање и средство за комуникација

Друг интересен момент од носењето на Dr. Martens како форма на изразување и идеолошко дефинирање беше и преку „кодот на врвките“, односно боите на врвките чизмите кои се многу повеќе од само моден детаљ.

Во панк културата, можете да дознаете многу за една личност со едноставно гледање на чевлите и бојата на врвките на чевлите. Обоените врвки за чевли може да значат дека сте геј или антирасист. Овој код на врвките може да се дефинира како средство за комуникација за оние во панк општеството, медиум каде што тие би можеле да ги изразат своите ставови за расата, сексуалната ориентација, па дури и активноста или припадноста на некоја субкултура. Ваквите кодови биле популарни во 70-тите, но нивното наследство е препознаено и денес

Бели врвки – White Pride

Белите врвки обично означуваа надмоќ на белата раса, носени од луѓе кои се идентификуваат или се членови на ККК (Ку Клукс Клан). Освен нив, бели врвки носат и неонацистите. Овие две може да изгледаат идентични со тоа што и двете се расистички групи. Сепак, тие се различни затоа што членовите на ККК одбиваат да се поистоветуваат со Хитлер и неговите верувања затоа што бил странец, а ги мразат странците.

Денес во Соединетите Американски Држави, многу луѓе го поврзуваат белото со антирасизам и говор против омраза. Белата боја се смета за симбол на мир или едноставна уредност.

Сини врвки: Убиец на полицаец

Сините врвки покажуваа дека лицето убило полицаец. Термините за овие субкултури биле „Sharps“ или „Sharpies“, обично биле членови на банда, особено познати по нивното насилство. Овој код на боја на врвки, сепак, довел многу невини, неуки носители во неволја со органите на прогонот или луѓе кои се свесни за нивното значење.

Подоцна, Dr. Martens со сини врвки најчесто се гледаа на протестите за полициско малтретирање и бруталност. За нив, сината боја означуваше консензус со другите прогонети групи и се верува дека симболизира мир и правда.

Црвени врвки: Неонацисти/Национален фронт

Црвените врвки на Dr. Martens беае симбол на неонацистичките групи и групите на Националниот фронт. Тоа го претставува нивното верување во Хитлер и неговите идеологии. Исто така, може да укаже дека носителот има силни националистички верувања.

Обично, овие се една од најстрашните групи бидејќи нивните црвени врвки исто така може да укажуваат на насилство и на подготвеност да се пролее крв. Впрочем, тоа е црвената боја. Можеби сакате да избегнете такви панкери; тие имаат историја на напаѓање луѓе кои не се бели.

Жолти врвки: Антирасисти

Како одговор на расистичките движења, некои панкери и скинхедси решија да ја користат жолтата боја за да покажат дека се против сите форми на расизам и дискриминација. Скинхедсите против расните предрасуди, или како што се познати членовите на SHARP, ги носат овие врвки со жолта боја за да се разликуваат од другите расистички скинхедси.

Виолетови врвки: Геј Прајд

Виолетовите врвки испраќаат порака дека оној што ги носи можеби е геј или член на ЛГБТИ+ заедницата. Порано беше доста опасно да се биде геј, како што е и денес во многу делови од светот. Денешното општество само што почнува да ги прифаќа правата на хомосексуалците. Кодот на врвките им даде на луѓето слобода да ја изразат својата сексуална ориентација меѓу своите пријатели и колеги без страв од осуда или опасност од некој надвор од нивната заедница.

Црни врвки: Неутрални

Црните врвки се познати како неутрални врвки и се стандардни кај чизмите Dr. Martens. Тие се разумно најбезбедната боја за носење бидејќи прикажуваат дека немате припадност, оставајќи ги верувањата и идеологиите на носителот непознати или двосмислени.

Историјата на црната врвка може да ја проследите до времето кога ја носеле мажи кои не сакале да имаат никаква врска со тековните политички немири. Тие беа едноставни, традиционални мажи кои сакаа да останат сами. Значи, ако сакате да останете неутрални за сите работи, оваа боја би била бојата што треба да ја носите или ако сте необразовани за кодот на врвките и не би сакале да бидете вовлечени во какви било непријатни ситуации.

Зелени врвки: Неутрални

Друга боја на врвките која претставува неутралност е зелената боја. Тоа значи дека не се залагате за ништо и симболизирате дека не припаѓата во ниту една група. Оваа боја на врвки за Dr. Martens најчесто ја користеа помладите панкери кои сакаа да ја отсликаат неутралноста, но сепак користејќи боја.

Остаток од побунтовно минато време

Кодот на врвките не е толку распространет денес, па мал дел од луѓето кои сега носат Dr. Martens бојата на врвките ја поврзуваат со нивната идеолошка или активистичка позадина. Многу луѓе ги менуваат врвките како моден детаљ или се обидуваат да бидат во тек со одреден тренд. Сепак, ако планирате да носите Dr. Martens на концерт или место каде што ваквите субкултури доминираат, бидете свесни за кодот.

Тоа што започна како тренд, а потоа стана и движење, сега е препознаено само од малкумина. Една од причините за тоа веројатно е и зголемената политичка апатичност кај младите, поради што и желбата за идеолошко изразување со модни детали станува помала.

Најново

Последни колумни