Македонската кинематографија ова лето бележи интензивен продукциски период, во моментов се снимаат три македонски долгометражни играни филмови, а кон крајот на август е закажана првата клапа и на четвртиот.
Станува збор за „Мравки“ во режија на Марјан Гавриловски, „Голиот рид“ во режија на Игор Алексов и „Ајал“ во режија на Арбен Тачи, додека на 25 август започнува со снимање и „Трета смена“ на Ана Опачиќ. Сите четири филмски проекти се поддржани од Агенцијата за филм.
Филмот „МРАВКИ“ е третото долгометражно играно остварување на режисерот Марјан Гавриловски, по сценарио на Никола Кузелов. Продуцент е Ромир Јакупи, а директор на фотографија Фејми Даут. Станува збор за црна комедија со елементи на трилер, која следи необичен тандем: инспектор пред пензија и трансвестит, принудени заедно да разрешат мистериозно убиство. Главните улоги ги толкуваат Сенко Велинов и Никола Кузелов, а во актерската екипа се и Сашко Коцев, Атанас Атанасовски, Владо Јовановски, Тања Кочовска, Владимир Тулиев, Мими Таневска, Драган Спасов-Дац и други. Филмот се снима на повеќе
локации во Скопје и Дебар.
„ГОЛИОТ РИД“, во режија на Игор Алексов и по сценарио на Гоце Цветановски и Алек Русјаков, е трилер-драма со елементи на хорор и фантазија. Главната улога ја толкува Анастасија Ласовска, а во актерската екипа се Тони Наумовски, Симеон Мони Дамевски, Зоран Љутков, Стефан Вујисиќ, Филип Трајковиќ, Даниела Иваноска и Адем Карага. Филмот се снима во Скопје и околината, во продукција на „City Star Production“ и копродукција со „OnBros“ од Косово и „Red Production“ од Србија.

„АЈАЛ“, по сценарио и во режија на Арбен Тачи, е современа драмска приказна за минливоста на животот, семејството, корените, традицијата и моралните избори. Приказната е силно поврзана со Тетово и Шар Планина, каде што се реализира значаен дел од снимањето. Во актерската екипа се Арсим Фазлија, Адем Карага, Илир Винца, Осман Амети и други актери од земјава и регионот. Филмот е во продукција на „ARBFILM“ од Тетово.
Продукцискиот бран продолжува на 25 август, кога е предвидена првата клапа на долгометражниот игран филм „Трета смена“ на Ана Опачиќ.