Одлуката беше кратка по форма, но историска по обем. На 24 јуни 2022 година, Врховниот суд на САД во случајот „Добс против Здравствената организација на жените на Јексон” пресуди дека Уставот на Соединетите Американски Држави не го гарантира правото на абортус, со што ги укина претходните пресуди Roe v. Wade (1973) и Planned Parenthood v. Casey (1992), и ја врати регулацијата на абортусот во рацете на поединечните држави. Тоа беше крајот на 50-годишна уставна заштита. И почеток на нешто друго чии последици САД сè уште ги мери
Што всушност реши Добс
Уставното право на абортус во САД постоеше 49 години. Roe v. Wade, одлуката од 1973 година, беше едно од најцитираните и најоспоруваните судски одлуки во американската историја. Во 2022, шестмина судии решија дека таа одлука е погрешна.
Случајот сe однесуваше на законот на државата Мисисипи кој забрануваше абортус по 15тата недела од бременоста. Единствената клиника за абортус во Мисисипи, Здравствената организација на жените на Јексон, поднесе тужба. Долните судови ги суспендираа законот, но Врховниот суд го поддржа. Со таа одлука, сè легално или нелегално, достапно или забрането и абортусот стана прашање за секоjа од 50 американски држави поединечно.

Четири години подоцна: картата е поделена
Заклучно со октомври 2025 година, 12 американски држави имаат речиси целосни забрани на абортус, а уште 6 го ограничуваат во рамки од 6 до 12 недели. Вкупно 18 држави, во кои живее речиси третина од американската популација, имплементираа рестриктивна политика за абортус. Паралелно, во 2026 година, 21 американска држава забранува или ограничува абортус порано отколку стандардот утврден со Roe v. Wade, претежно на југот на земјата.
Но она што се случи на другата страна на картата е исто толку значајно. Во 2025 година, проценето е дека во САД се спроведени 1.126.000 абортуси, што е зголемување од 21% во споредба со 2020 година, последната пред Добс. Зошто? Бидеjки државите без забрани отворија нови клиники, телемедицинскиот абортус се прошири, а лековите за медикаментозен абортус станаа достапни по пошта.
Здравствените последици: податоците зборуваат
Бројките за здравјето се меѓу наjпоразителните. Мајчинската смртност е амалена за 21% во државите со достапен абортус по Добс но во Тексас, во првата година по воведувањето на забраната по 6 недели, пораснала за 56% вкупно и за 95% кај белите жени. Тексас исто така забележал зголемување на мајчинска сепса за 50%.
Четириесет проценти од гинеколозите во државите со забрани, пријавиле нови ограничувања во способноста да обезбедат грижа при спонтан абортус и други медицински итни случаи поврзани со бременост, а 55% пријавиле дека нивната способност да ги следат медицинските стандарди е компромитирана. Истражувачите исто така утврдиле приближно 8% зголемување на националната стапка на смртност на доенчиња по Добс.

Парадоксот: ограничен пристап, повеќе абортуси
Ова е еден од неочекуваните наоди на четиригодишната анализа. Стапката на патување преку граница на државите речиси се удвоила меѓу 2020 и 2024, при што Илиноис, Северна Каролина, Ново Мексико и Канзас примиле највисок број пациенти од соседните државни. Во 2024 година, 155.000 жени патувале во друга држава за абортус. Пред Добс, 22 државии Вашингтон ДС донеле таканаречени „ закони за заштита” кои ги заштитуваат лекарите кои препишуваат лекови за абортус по пошта од тужби на рестриктивни држави. Тоа создаде нова правна фронта: во декември 2024 Тексас тужеше доктор од Њуjорк поради препишување лекови за жена од Тексас. Законот против закон.
Јавното мислење: Добс го промени ставот
Во националните истражувања за јавното мислење, поддршката за легализиран пристап до абортус пораснала за 10 до 15 процентни поени во годината по одлуката. Изборите покажаа директен ефект: анализата покажа дека Добс водел до необично поместување во корист на Демократите пред изборите во 2022 за 9 процентни поени. Гласачите кои поддржуваат право на абортус помогнаа да се задржи контролата во Сенатот. Во 2025 година, референдуми за правото на абортус се одржани во 16 американски држави.
Добс не беше само американска вест. Беше сигнал за дебата која постоела насекаде и во многу земји поттикна поларизација. Во Латинска Америка, каде во претходните години неколку земји ги либерализираа законите за абортус Аргентина 2020, Мексико 2021 онзервативните движења ја цитираа одлуката на Врховниот суд на САД како легитимација. Во Европа, пак, одлуката поттикна поголема правна заштита: Франција во 2024 го вгради правото на абортус директно во Уставот, прва европска земjа која тоа го направи.
Македонија, за разлика од многу земји во регионот, го гарантира правото на абортус со Законот за прекинување на бременоста уште од 1977 година. Тој правен стандард останал непроменет. Но и тука, свежиот пример на Добс ги активираше оние кои посакуваат да видат промена и оние кои сакаат да се осигурат дека нема да дојде.
Четири години по Добс, очигледна е една работа: одлуката не го реши прашањето туку го раздели. Со враќањето на регулацијата на државите, Добс предизвика длабоки културни промени во американското општество. Не само правни туку и медицински, изборни и демографски. Прашањето за репродуктивните права не е американско прашање. Никогаш и не беше. Тоа е прашање за тоа кој одлучува за телото поединецот или државата? И на тоа прашање, светот сè уште го бара одговорот.