Што нуди „Центар–Јадро“ во септември: изложби, книжевност и филмска премиера

Културно-социјалниот простор „Центар–Јадро“ по летната пауза повторно ги отвора вратите со програма што носи шест изложби и културни настани, книжевен фестивал, филмска премиера и средба посветена на јапонската литература. Програмата почнува на 3 септември и ќе трае до крајот на месецот.

Септември во „Центар–Јадро“ започнува со младите автори и нивниот поглед кон градот. На 3 септември, во 19 часот, ќе биде отворена групната изложба „Центарски улици 4“ на студентите по ликовна уметност од АУЕ ФОН.

Делата биле создадени во живо за време на настанот „Центарски улици 4 – Светски ден на уметноста“, одржан на 15 април на улицата „Македонија“. Преку нив студентите ја пренесуваат атмосферата од јавниот простор во галеријата, забележувајќи ги луѓето, уличните уметници и енергијата на заедничкото создавање.

„Друга приказна“ и дисензусот како главна тема

Од 4 до 6 септември, „Центар–Јадро“ ќе биде домаќин на книжевниот фестивал „Друга приказна“, кој годинава се одржува под знакот на дисензусот – несогласувањето како простор за критичка мисла, маргинална уметност и нови општествени идеи.

Во тридневната програма се предвидени предавања на Сенка Латиновиќ, Ивана Момчиловиќ и Андреј Долинка, разговори со Искра Гешоска, Драган Протиќ, Румена Бужаровска, Роберт Перишиќ и Марија Ратковиќ, како и отворање на изложбата „18 величествени маргинални уметници“.

На Роберт Перишиќ ќе му биде доделена главната фестивалска награда, а ќе биде промовирана и неговата книга „Што барате овде?“. Програмата вклучува настапи, разговори и концерти, а ќе заврши во недела со настап на Волтер Маја и завршна забава.

Четири уметнички лекции од водата и земјата

На 10 септември, во 19 часот, ќе биде отворена групната изложба „Да се мисли со материјата: Четири лекции од водата и земјата“, курирана од Јованка Попова.

Изложбата ги претставува уметничко-истражувачките практики на Валбона Фејза, Христина Крстеска, Ивана Самандова и Викторија Попоска. Нивните дела ги истражуваат односите со природата, материјалите, местата и екосистемите, преку теми како пресушените речни корита, екстракцијата, текстилот, невидливиот труд и отпадот.

Изложбата, која ќе биде отворена до 14 септември, е дел од програмата „Училиште за грижливи иднини во Скопје“ и од повеќегодишниот проект „Семиња на солидарноста – Уметнички практики и екофеминистички сојузи за грижлива иднина“.

Жените што ја создавале и чувале традицијата

Самостојната изложба „Светлина на традицијата“ на Калина Игновска ќе биде отворена на 15 септември во 20 часот.

Изложбата е посветена на женските ракотворби и на генерациите жени кои преку везење, плетење и ткаење го создавале и пренесувале културното наследство. Дел од изложените ракотворби ги изработила актерката Нада Гешоска, со што се открива и помалку познатата, интимна страна на нејзиното творештво.

Калина Игновска е графичка дизајнерка и сценографка, која работела на филмови, серии, музички и рекламни спотови, меѓу кои „Стела“, „Мими“, „Убиј ги прво децата“, „Преспав“ и „Куќен притвор“. Изложбата ќе трае до 21 септември.

Јапонска литература и „Фикции“ на Игор Тошевски

Петтиот собир на филмскиот и книжевен клуб „Пат кон Истокот“ ќе се одржи на 20 септември напладне. Средбата ќе биде посветена на романот „Фенерот на изгубените спомени“ од јапонската авторка Санака Хираги, а домаќинка на дискусијата ќе биде Катерина Димовска.

Клубот е отворен за сите љубители на книжевноста и филмот од земјите на Источна Азија. Средбите отсега ќе се одржуваат на секои два месеца.

На 22 септември, во 20 часот, следува отворањето на самостојната изложба „Фикции“ на Игор Тошевски. Поставката ги спојува филмските наслови, редимејд-објектите и естетиката на филм ноарот во преиспитување на односите меѓу сликата, текстот, оригиналноста и колективната визуелна историја. Изложбата ќе биде отворена до 29 септември.

Скопска премиера на филмот „Земјиште“

Септемвриската програма ќе продолжи на 25 септември во 20 часот со скопската премиера на партиципативниот уметнички филм „Земјиште“, во режија на Ивана Мирчевска.

Филмот е создаден низ повеќемесечен интердисциплинарен процес со интергенерациски колектив од Битола и регионот. Во центарот на приказната е наследено и исцрпено парче земја што ја носи меморијата на пет жени. Нивниот долгогодишен ритуал се нарушува кога една од жените ќе го продаде својот дел од имотот, поместувајќи го темелот на нивното заедништво.

По проекцијата ќе се одржи кинофорум со учесниците и ќе биде промовирана публикација посветена на истражувачкиот и творечкиот процес зад филмот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс