Цените на нафтата скокнаа по новата размена на оган меѓу САД и Иран

Цените на суровата нафта пораснаа за повеќе од три проценти по новите напади меѓу САД и Иран и по зголемените тензии околу Ормускиот Теснец.

Цените на суровата нафта утрово пораснаа за повеќе од три проценти, по новата размена на напади меѓу САД и Иран и по наредбата на Израел за интензивирање на нападите врз Хезболах во Либан, објави „Ројтерс“.

Според агенцијата, фјучерсите на американската сурова нафта пораснаа за 2,88 долари, односно за 3,3 проценти, и се продаваа за 90,24 долари за барел. Фјучерсите за нафтата од типот „брент“, која важи за глобален репер за енергенсот, пораснаа за 2,78 долари, односно за 3,05 проценти. Утрово во 8 часот по средноевропско време, барел „брент“ се продаваше за 93,9 долари.

Новата ескалација ги намали надежите дека Вашингтон и Техеран наскоро би можеле да објават договор за прекин на огнот. Очекувањата за можен договор во петокот претходно доведоа до пад на цената на „брентот“ за 1,8 проценти, а на американската сурова нафта WTI за 1,7 проценти.

Соединетите Американски Држави вчера соопштија дека спровеле нови напади, кои ги опишаа како „напади во самоодбрана“. Цел биле радарски позиции и локации за контрола на беспилотни летала на иранските острови Горук и Кешм. Вашингтон наведе дека нападите биле одговор на „агресивните“ акции на Техеран.

Иранската елитна Исламска револуционерна гарда денеска соопшти дека нејзините воздухопловни сили нападнале воздухопловна база што, според нив, била користена за американските напади врз телекомуникациската кула на иранскиот остров Сирик.

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот изјави дека наскоро ќе донесе одлука за нацрт-договорот за продолжување на прекинот на огнот за уште 60 дена. Тој период би требало да им даде дополнително време на преговарачите да најдат решение за најтешкото прашање во разговорите — иранската нуклеарна програма.

Во меѓувреме, Израел продолжува со жестоки напади во Јужен Либан, што предизвикува силни реакции од Иран. Техеран постојано повторува дека Хезболах мора да биде дел од договорот.

Според американски функционер, САД предложиле план за „постепена деескалација“, според кој Хезболах прво би ги запрел нападите врз Израел, а за возврат Тел Авив би се воздржал од дополнителна ескалација на конфликтот.

Паралелно со тоа, расте загриженоста и поради мините поставени во Ормускиот Теснец, клучна меѓународна линија за транспорт на нафта и течен природен гас. Аналитичарите предупредуваат дека тоа може да го забави процесот на повторно отворање на теснецот, дури и ако биде постигнат договор.

„Дури и ако се постигне договор, тоа нема да донесе поплава од снабдување“, изјави аналитичарот на IG, Тони Сикамор.

Репортер на американскиот портал „Аксиос“ во петокот на платформата Икс објави дека Иран распоредил поголем број мини во текот на минатата недела. Тоа се случило кратко откако американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека обидите за поставување мини претставуваат кршење на прекинот на огнот.

Ормускиот Теснец е воден пат низ кој минува околу една петтина од глобалните текови на нафта и течен природен гас. Иран ефикасно го затвори теснецот по почетокот на конфликтот со нападите на САД и Израел на 28 февруари.

Блокадата предизвикува загриженост и во Пекинг, каде економските податоци од викендот покажуваат забавување на активноста во кинеските фабрики.

е-Трн да боцка во твојот инбокс