Министерството за здравство најави вонреден инспекциски и стручен надзор по случајот со 19-годишната пациентка која по царски рез во Клиничката болница во Штип останала со тешки невролошки последици.
Од Министерството информираат дека е издаден налог до Државниот санитарен и здравствен инспекторат за спроведување вонреден инспекциски надзор, со цел целосно и објективно да се утврдат сите околности поврзани со лекувањето на пациентката, пренесе МИА.
Ќе се проверува лекувањето и медицинската документација
По завршувањето на инспекцискиот надзор и увидот во медицинската документација, Министерството ќе иницира и стручен надзор над досегашното лекување и постапувањето на здравствените работници и установите кои биле вклучени во третманот.
Од Министерството апелираат да не се носат предвремени заклучоци додека не завршат сите законски и стручни постапки.
Оттаму нагласуваат дека јавноста навремено ќе биде информирана за утврдените факти и евентуалните понатамошни мерки.
Надзор во три здравствени установи
Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека вонреден надзор ќе биде спроведен во сите три здравствени установи во кои се лекувала 19-годишната Станка Михајлова од селото Баница.
Според информациите што ги објави „Слободен печат“, пациентката по вториот царски рез, извршен во Клиничката болница во Штип, развила параплегија и моментално се движи со инвалидска количка.
Експерти ќе утврдуваат дали имало пропуст
Покрај инспекцискиот, ќе биде спроведен и стручен надзор. Во него треба да бидат вклучени експерти од областа на гинекологијата, неврологијата и урологијата.
Тие ќе утврдуваат дали при медицинскиот третман бил направен пропуст што можел да доведе до тешката компликација.
Случајот ќе се разгледува низ законските и стручните процедури, а надлежните институции засега повикуваат на внимателност додека не бидат утврдени сите факти.