Советот на странски инвеститори го поздрави усвојувањето на измените на Законот за царинска тарифа, со кои се предвидува намалување на царинските стапки за 70 видови стоки што се користат како суровини, репроматеријали и компоненти во преработувачката индустрија.
Со измените се врши дополнително усогласување на царинските стапки со оние што важат во Европската Унија. Според Советот, ова претставува важен чекор кон поедноставување на трговијата и подобрување на деловната клима во земјата.
Поддршка за домашните и странските компании
Од Советот посочуваат дека во изминатиот период укажувале на потребата од намалување и усогласување на тарифите за клучните суровини и репроматеријали, како и од проширување на листата на тарифни ознаки согласно европските стандарди.
Според нив, ваквите измени ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на домашните и странските компании, како и за унапредување на извозниот потенцијал на земјата.
Продолжување на претходните законски решенија
Измените претставуваат продолжение на претходните законски решенија, кога од 1 јули 2025 година беше извршено намалување на царинските стапки до 50 отсто од нивото на стапките во Европската Унија.
Советот на странски инвеститори ја поздравува и понатамошната насока на Владата за усогласување на царинската политика.
Од Советот поттикнуваат процесот да продолжи и преку дополнителни трговски договори со други земји, со цел понатамошно олеснување на трговијата и поддршка на индустријата.