Европа под царински притисок, Германија во центарот на ударот

Иако мерките формално се однесуваат на Европската Унија, економистите предупредуваат дека најголемата цена може да ја плати германската автомобилска индустрија.

Најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување дополнителни царини, според оценките на економските експерти, пред сè би можела да ги погоди германските производители на автомобили. Некои помалку, а некои многу повеќе.

Како воопшто би можеле новите царини да влијаат врз економијата и зошто Доналд Трамп токму сега се закани со зголемување на царините за возила од Европската Унија на 25 проценти? Ако најавените мерки навистина се спроведат, проценуваат експертите, најголемите последици несомнено би ги почувствувала германската автомобилска индустрија.

Иако мерките на Трамп формално се однесуваат на Европската Унија, бидејќи царинската политика е во надлежност на Брисел, а не на земјите членки, тие може да се толкуваат и како директно насочени против Германија. На тоа предупредува Фердинанд Дуденхефер, директор на истражувачкиот центар CAR во Бохум, истакнувајќи дека извозот на другите европски производители на автомобили во САД е „занемарлив“.

Најмногу би можеле да „настрадаат“ марките Audi и Porsche, додека BMW и Mercedes, поради производствените капацитети во Соединетите Држави, би биле во поповолна положба. Сепак, многу нешта и понатаму се неизвесни, а Трамп и порано знаел да најавува царини кои на крајот не биле спроведени во практика.

„Царинска заштита“ преку производство во САД

Според Дуденхефер, германските производители не би биле погодени во иста мера. BMW и Mercedes, благодарение на големите фабрики што ги имаат во Соединетите Држави, имаат одреден вид „царинска заштита“, додека брендовите без производство во САД, како Audi и Porsche, би биле директно и силно погодени. Поради тоа, Дуденхефер очекува дека зголемувањето на царините би можело да ги забрза плановите за изградба на нови производствени погони во САД.

Трамп пред неколку дена на својата социјална мрежа Truth Social најави значително зголемување на увозните царини за возила од ЕУ, образложувајќи го тоа со тврдењето дека Унијата не се придржува до царинскиот договор постигнат минатото лето. Тоа тврдење, сепак, не го објасни дополнително ниту го поткрепи со докази. Европската Унија ги отфрли обвинувањата на Трамп.

Според најавата, царините во повеќето случаи би се зголемиле од 15 на 25 проценти. Автомобилите и товарните возила на европските производители што се произведуваат во Соединетите Држави не би биле опфатени со тие мерки.

Предупредувања од индустријата и економските кругови

Претседателот на Институтот за светска економија во Кил, Мориц Шуларик, предупредува дека новите царини би имале „значаен“ негативен ефект врз германската економија. Трговскиот експерт на IfW, Јулијан Хинц, проценува дека реалната додадена вредност би можела да падне за околу 0,3 проценти. „Веќе и онака бавниот економски раст на Германија би бил силно погоден“, истакнува Хинц.

Германското здружение на автомобилската индустрија, VDA, потегот на Трамп го оцени како „ново и сериозно оптоварување на трансатлантските односи“. Претседателката на VDA, Хилдегард Милер, повика на почитување на трговскиот договор меѓу ЕУ и САД и побара Брисел „конечно“ да ги спроведе договорените обврски. Дел од тој царински пакет моментално се наоѓа во Европскиот парламент, каде неговото усвојување е условено со дополнителни барања.

Политичката позадина на царинскиот спор

Од почетокот на својот втор мандат, Трамп често се заканува со нови царини, користејќи ги како средство за политички притисок во прашања кои немаат непосредна врска со трговијата. Така претходно се обиде да влијае врз судската постапка против поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, како и во спорот околу Гренланд, но без успех.

И во случајот со царините за автомобили се појавија сомнежи дека станува збор за политички мотивиран потег. Германската сојузна влада ги отфрли тврдењата дека најавите на Трамп се директна реакција на критиките на канцеларот Фридрих Мерц кон американскиот курс во војната против Иран. Сепак, еден висок функционер на Пентагон изјави за Reuters дека изјавите на Мерц биле „несоодветни и некорисни“.

Мерц претходно, во разговор со ученици, изјави дека САД очигледно немаат јасна стратегија во војната против Иран – оценка што ја делат и бројни експерти. Тоа, меѓутоа, очигледно лично го налутило Трамп, кој потоа повеќепати вербално го напаѓал германскиот канцелар на социјалните мрежи. Мерц, меѓу другото, во контекст на САД рече и дека „иранското државно раководство понижува цела една нација“.

Повик за поцврст европски одговор

Економистот Марсел Фрацер смета дека германската политика треба почесто да зборува отворено и одлучно. Претседателот на Германскиот институт за економски истражувања, DIW, предупредува дека Трамп постојаното попуштање на Европа го толкува како слабост.

„Европската Унија и германската влада конечно мора да покажат одлучност. Не смеат повеќе да дозволат да бидат уценувани, бидејќи во спротивно трошоците за европската економија, а особено за германските извозници, само ќе растат“, порачува Фрацер.

Тој исто така истакнува дека, и покрај проценките на американските судови според кои царините на Трамп се незаконски, претседателот и понатаму се обидува на сметка на Европа и германските производители на автомобили да ја зголеми својата популарност на домашен план.

Слично размислува и експертот за надворешна политика од CDU, Петер Бајер, кој царинската политика на Трамп ја опишува како „политички рефлекс и реакција произлезена од фрустрација“, а не како дел од кохерентна стратегија.

Сепак, некои економисти, како Јенс Зидекум, советник на сојузниот министер за финансии Ларс Клингбајл, повикуваат на воздржаност и предупредуваат дека засега не е јасно дали заканата на Трамп со царини воопшто има цврста правна основа или ќе мора да биде ревидирана.

Извор: Deutsche welle

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни