Кинескиот производител BYD следната година ќе го испорача својот прв електричен камион на европскиот пазар, со долгорочен план возилата комплетно да се произведуваат во Европа. Ова го најави извршната потпретседателка на компанијата Стела Ли за време на саемот за комерцијални возила во Хановер, Германија, посочувајќи дека целта на кинеската компанија е да стане локален европски производител и да ги надмине најавените трговски бариери.
BYD не планира само испорака на возила, туку комплетен пакет за европските логистички оператори. Понудата опфаќа директно финансирање, изградба на сопствена инфраструктура за полнење на соларен погон, мрежа на механичарски сервиси и мобилна помош на пат. Овој пристап цели директно кон компаниите кои се двоумат околу преминот кон струја поради недостатокот на полначи за тешки возила низ европските коридори.
Локалното производство е директен одговор на притисокот од традиционалните европски брендови. Германски MAN и други домашни производители веќе побараа од Брисел да воведе заштитни увозни царини и за електричните камиони од Кина, по примерот на давачките за патничките автомобили.
Ли изјави дека таквите даноци не му користат никому, но призна дека компанијата мора да најде практично решение. Според неа, царините ќе бидат само краткорочен товар додека BYD не го префрли погонот на европско тло.
Подготовките за индустриско присуство во ЕУ веќе се во тек. Компанијата во моментов гради фабрика за патнички автомобили во унгарскиот град Сегед, каде што сериското производство треба да стартува следната година. Планот за камионите ја следи истата логика. Кога сите возила што се продаваат во Европа ќе излегуваат од европски фабрики, кинеската компанија практично ќе функционира како домашен производител, порача Ли од Хановер.