Еден од најпрепознатливите хотели во светот, Бурџ Ал Араб, ќе биде затворен до 18 месеци поради голема реконструкција.
Луксузниот хотел Бурџ Ал Араб во Дубаи ќе биде затворен за време на големата 18-месечна реконструкција, потврдија од хотелот. Станува збор за прво вакво реновирање откако објектот беше отворен во 1999 година.
Сопственикот „Џумеира груп“ соопшти дека работите ќе се изведуваат во фази во текот на следната година и пол, а проектот го води парискиот архитект за ентериер Тристан Оер. Иако официјално не е прецизирано дали хотелот ќе биде целосно затворен, извори наведуваат дека објектот привремено ќе ги прекине операциите.
Гостите кои веќе имаат резервации ќе добијат алтернативен сместувачки капацитет во блиските хотели од истата групација, додека се нагласува дека временската рамка може да се менува.
Бурџ Ал Араб, препознатлив по својата форма на едро, важи за еден од симболите на Дубаи и на луксузниот туризам во регионот.
Хотелот претрпе помала штета во февруари, кога остатоци од пресретнат ирански дрон ја погодија фасадата. Сепак, од компанијата нагласуваат дека реконструкцијата не е поврзана со тој инцидент ниту со актуелните геополитички случувања.