Search

Бунт со љубов за машината

фото: miguel-á-padriñán

Бунтот е најубаво знаме кога го вејат младите. Убаво и мошне корисно. Како за младите, така и за системот, кој нивната убавина, енергија и потенцијал, ги вградува директно во машината. Токму онаа машина против која се бунтуваат. Бунтот не ѐ оригинална креација на Поп културата од последниве седум – осум децении, но масивен дел од нејзините креации се потпираат токму на него. Декади исполнети со шаренило од бунтовници со и без причина, филмски, музички, книжевни… You name it, we got it! Бунтовници и естетско-идеолошки концепти кои предизвикаа лавини од културолошки движења, паралелно со невидена заработка за индустријата.

Последниов месец се појавија два нови албуми на два бенда кои во свое време, а во помала мера и денес, симболизираа(т) мошне реален бунт за генерациите кои растеа и пораснаа со нив. Се работи за “Hunckney Diamonds” на Rolling Stones и “Dance Macabre” на Duran Duran. Како и секој верен поклоник на Поп-културата, религиозно се посветив на преслушување, од кое неминовно трансцедирав во ритуално размислување, авто-рефлексија и секако, вадење поуки.

Уште од почетокот на шеесеттите години од минатиот век, The Rolling Stones се обидуваат да изнервираат што е можно повеќе луѓе. Тогаш вулгарните секс алузии со нивните усти, тела и гитари, вандализираните хотелски соби пост секс-дрога-алкохол лудирања и се разбира нивната одлична музика, беа абецеда за “бејби бумерите“. Тоа е генерацијата која сè уште го владее светот, се разбира од сенка. Она што беше абецеда за бум генерацијата, стана енциклопедиски материјал за следните генерации, па еден куп рокери до ден денес убаво живеат врз придобивките од бунтот и звукот на популарните “Стонси“. Тие пак, иако малку пластифицирано, успеваат да звучат сосем пристојно во 2023та, без да паднат во замката на ненамерна самопародија. Рака на срце, музичката сцена (читај: индустрија) одамна се меле во вртлогот на самопародијата, па дури и најсвежите нови бендови оставаат видлив впечаток на, повеќе или помалку, симпатично пародирање на идејата.

Од некогаш агресивниот бунтовнички имиџ, до милијарди долари од корпоративни рекламни кампањи во три чекори. Така отприлика би можела да се опише кариерата на Стонси, а истовремено и суштината на бунтот во Поп-културата. Нивниот нов албум е совршен подарок за средовечен, разведен татко, кој се обидува да најде насока во животот, возејќи се во својот пост-разводен спортски автомобил, потпевнувајќи ги анти-романтичните стихови на Стонси.

Бунтот на Дуран Дуран, кралевите на “Новиот Романтизам“ од почетокот на осумдесеттите, се состоеше токму во опозиционо позирање против таквите како Стонси. Не мора да си вулгарен, валкан и бучен за да си бунтовен. Ако не поуспешен, бунтот е барем естетски поиздржан кога си воспитан, чист, дотеран, па и убав. Сјајна теза која регрутираше милиони млади и амбициозни претставници на генерацијата Х (Икс), на која и самиот ѝ припаѓам. Беше тоа само уште една лукава замка на поп-културата за ползување на животната енергија, но и оригиналната креативност на младите од мојата, сега веќе средовечна генерација. Добрата вест е што Дуран Дуран имаат нов албум, додуша со преработки. Лошата вест е дека албумот не е толку добар.

Бунтот е знаме, а знамињата се за веење. Младешкиот бунт е удар во мевот на светската инерција и витештво во полза на јавното добро. Бунтот на Стонси, Дуран Дуран и милијардите повозрасни е вперен против минливоста. Свесно, или несвесно. Бунтот често наоѓа верен другар во непромисленоста. Непромисленоста може да им се прости на младите. Недоволната промисла е непростлива за повозрасните. Лесно е да се вее знамето на бунтот вечно. Малку потешко е да се долови во чија корист оди бунтот. Кој профитира од моите постапки? Продлабоченото сознание за ова, е острата меѓа која ги одвојува конструктивноста и (авто)деструктивноста. Животот и смртта.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни