Бугарија бара помош од ЕУ и НАТО по нападите со дронови врз два брода во Црното Море

Едниот товарен брод потонал за само три минути, а 12 членови на неговиот екипаж се водат како исчезнати. Засега не е утврдено од каде биле лансирани дроновите.

Бугарија побара техничка помош од Европската Унија и НАТО во истрагата за нападите со дронови врз два товарни брода во Црното Море минатата недела. Едниот брод потонал кратко по нападот, додека другиот бил оштетен и се запалил. Засега не е утврдено дали дроновите биле лансирани од Русија или од Украина.

Бугарскиот премиер Румен Радев вчера изјави дека потеклото на дроновите сè уште не е разјаснето. Истрагата треба да помогне во утврдувањето на околностите под кои се случиле нападите.

Едниот брод потонал за три минути, 12 морнари се исчезнати

Товарниот брод „Алфа Ватан“, кој пловел под знамето на Того, потонал речиси веднаш по нападот, за околу три минути. На него имало 12 членови на екипажот, кои и понатаму се водат како исчезнати.

Димитар Недјалков, професор на Воената академија во Софија, изјавил дека дрон способен да предизвика толку голема штета би морал да биде опремен со боева глава тешка повеќе од 300 килограми.

Вториот брод, „Абл“, пловел под знамето на Палау и превезувал жито кон Истанбул. По нападот се запалил, но сите 18 членови на неговиот екипаж биле спасени. При првичната истрага не биле пронајдени остатоци од дрон на бродот

е-Трн да боцка во твојот инбокс