Бројот на загинати во Венецуела се искачи на 235: Спасувачите водат трка со времето

: Најмалку 235 лица загинаа, а над 4.300 се повредени по двата силни земјотреси што ја погодија Венецуела. Спасувачките екипи продолжуваат да трагаат по преживеани под урнатините.
epa13065544 Rescue workers work at a building damaged by an earthquake in the Altamira area of Caracas, Venezuela, 25 June 2026. Venezuelan authorities reported at least 235 deaths and at least 4,300 injuries after two earthquakes, measuring magnitudes 7.2 and 7.5, mainly affected Caracas and nearby La Guaira state, as search efforts for survivors continued and the government assessed property damage. EPA/Boris Vergara

Бројот на жртвите од двата силни земјотреси што ја погодија Венецуела продолжува да расте. Според најновите официјални информации, најмалку 235 лица загинале, повеќе од 4.300 се повредени, а голем број луѓе сè уште се водат како исчезнати. Спасувачките екипи и натаму работат непрекинато во урнатите делови на Каракас и крајбрежниот град Ла Гуаира, каде што под урнатините и понатаму се слушаат повици за помош.

Два силни потреси за неколку секунди

Според Американскиот геолошки институт (USGS), првиот земјотрес бил со магнитуда од 7,2 степени, а само неколку секунди подоцна следувал уште посилен потрес од 7,5 степени според Рихтеровата скала.Двата земјотреси биле со релативно плиток епицентар – првиот на длабочина од 20,3 километри, а вториот на само 10 километри – што предизвикало огромни разурнувања.

Илјадници жители останаа без покрив над главата и ноќите ги поминуваат на отворено, плашејќи се да се вратат во оштетените објекти.

Уништени стотици згради

Претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригез, соопшти дека најмалку 250 згради се целосно уништени или сериозно оштетени, најмногу во Ла Гуаира, каде што се урнал и хотел со десет ката. Штетите се регистрирани и во Каракас, како и во сојузните држави Трухиљо, Јаракуј, Карабобо, Арагва и Миранда. Градоначалникот на општината Чакао, Густаво Дуке, изјави дека само во една урната станбена зграда загинале 11 лица, додека 23 биле извлечени живи.

„Правиме сè што можеме за да ги расчистиме урнатините и да им овозможиме на спасувачките тимови да стигнат до луѓето за кои се надеваме дека сè уште се живи“, изјави Дуке.

Аеродромот затворен, следуваат нови потреси

Главниот меѓународен аеродром Мајкетија, во близина на Каракас, е затворен поради сериозни оштетувања. Во меѓувреме, сеизмолозите регистрирале најмалку 30 последователни потреси, што дополнително ги отежнува спасувачките операции.

Според USGS, вториот потрес од 7,5 степени е најсилниот што ја погодил Венецуела од 1900 година. Американскиот геолошки институт предупреди дека постои можност бројот на жртви значително да расте. Нивните модели покажуваат 42 проценти веројатност конечниот биланс да надмине 10.000 загинати, иако нагласуваат дека станува збор за статистичка проценка која им помага на спасувачките служби, а не за официјална прогноза.

Најтешко погодени се населбите Алтамира и Лос Палос Грандес во Каракас, кои претрпеа големи штети и во катастрофалниот земјотрес од 1967 година.

Меѓународната помош пристигнува

Привремената претседателка Делси Родригез потврди дека во Венецуела веќе пристигнува меѓународна помош од САД, Доминиканската Република, Ел Салвадор, Мексико и Катар. Соединетите Американски Држави најавија пакет помош во вредност од 150 милиони долари, како и испраќање транспортни авиони, бродови, спасувачки тимови и медицинска опрема. Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека САД се подготвени да помогнат.

„Двата силни земјотреси што ја погодија Венецуела предизвикаа огромна трагедија. Соединетите Држави се подготвени, сакаат и можат да помогнат“, напиша Трамп.

Американскиот државен секретар Марко Рубио потврди дека спасувачките тимови и хуманитарната помош веќе се испраќаат кон погодените подрачја.Спасувачките операции продолжуваат, а властите предупредуваат дека бројот на жртви најверојатно ќе расте во наредните денови, додека надежта за пронаоѓање преживеани под урнатините сè повеќе се намалува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс