Победата на Англија над Норвешка во четвртфиналето на Светското првенство во фудбал не донесе само спортска драма, туку и необичен епилог надвор од теренот. По загубениот облог на социјалните мрежи, норвешката авиокомпанија Norwegian Air беше принудена привремено да го замени своето препознатливо лого со логото на британскиот конкурент British Airways.
Натпреварот, одигран во Мајами, заврши со победа на Англија од 2:1 по продолженија. Освен возбудливата завршница и дискусиите околу спорниот момент кога топката наводно допрела жица над теренот, големо внимание привлече и пријателскиот предизвик меѓу двете авиокомпании.
Сѐ започнало пред натпреварот, кога Norwegian Air преку социјалните мрежи го предизвика British Airways на необичен облог – поразениот тим да го преземе визуелниот идентитет на победникот. Британската компанија самоуверено ја прифати понудата, убедена дека Англија ќе слави.
По триумфот на Англија и пласманот во полуфиналето на Мундијалот, норвешката авиокомпанија го исполни ветувањето и на еден ден го постави препознатливиот симбол „Speedmarque“ на British Airways како свое лого на Инстаграм. Потегот брзо стана вирален и предизвика бројни реакции, а во шегата се вклучија и други светски авиопревозници.