Европската комисија подготвува нов план за проширување на Европската унија кој предвидува земјите кандидатки да добијат одредени економски и институционални придобивки уште пред да станат полноправни членки.Според планот, таканаречениот модел на „постепена интеграција“ би ги наградувал кандидатките со зголемен пристап до програмите и механизмите на ЕУ во зависност од напредокот во реформите. Целта е да се одржи мотивираноста за спроведување политички и економски промени, иако процесот на членство може да трае со години.
Меѓу можните придобивки се спомнуваат пристап до дел од европските фондови, повластени трговски односи и делумен пристап до единствениот европски пазар. Обемот на придобивки би зависел од степенот на усогласеност со европските стандарди. Овој пристап е дизајниран како алтернатива на претходни предлози кои предвидуваа политичко учество на кандидатките пред членство, што не доби поддршка од државите членки.
Франција и Германија веќе покажале поддршка за слични модели на „ограничено членство“, кои би овозможиле економска интеграција без целосен политички статус во Унијата. Според европски претставници, идејата е да се создаде систем „повеќе за повеќе“, каде што секоја земја добива повеќе придобивки како што напредува во реформите. Европската комисија ќе побара дополнителна политичка поддршка од земјите членки, а можно е лидерите на ЕУ да дискутираат за предлогот на следните состаноци на Европскиот совет.
Во меѓувреме, некои земји кандидатки веќе добиваат делумни придобивки. Молдавија, на пример, доби пристап до одредени европски системи како SEPA, како и други програми за соработка. Иако повеќето членки се согласуваат дека процесот на проширување треба да се забрза, останува претпазливост околу прием на нови членки пред целосно исполнување на критериумите. Европската унија во моментов има девет земји кандидатки, при што Црна Гора се смета за најблиску до членство, додека Украина и Молдавија веќе се во фаза на преговори.