Бразил успеа да се врати во натпреварот против Јапонија и израмни на 1:1 во второто полувреме од осминафиналниот дуел на Светското првенство. Јапонија поведе во 29. минута преку Сано, кој ја искористи грешката на Данило на средината од теренот. По брза контра, Сано прецизно шутираше од дистанца и го совлада бразилскиот голман за водство од 1:0.
Во второто полувреме Бразил го засили притисокот. На стартот од продолжението селекторот го внесе Ендрик наместо Лукас Пакета, а „кариоките“ создадоа неколку сериозни шанси. Најпрво Гимараеш беше запрен со одлична интервенција на голманот Сузуки, а потоа Томијасу ја исфрли топката од гол-линијата по ударот со глава на Касемиро.
Притисокот конечно вроди со плод во 56. минута, кога по центаршут на втората статива, Касемиро највисоко скокна и со удар со глава погоди за 1:1. Само неколку минути подоцна, Винисиус Жуниор беше блиску да донесе целосен пресврт. Напаѓачот на Бразил сам продре по левата страна и шутираше од непосредна близина, но Сузуки со одлична одбрана го спречи вториот гол на Бразил.
Победникот од овој натпревар ќе се пласира во четвртфиналето, каде што ќе се соочи со подобриот од дуелот меѓу Брегот на Слоновата Коска и Норвешка.