Грција под нов топлотен бран: Температурите викендов ќе достигнат 42 степени

Метеоролошката служба во Атина предупредува на воздушни маси потопли за осум степени од просекот. Високите температури ќе траат до средината на неделата.

Грчката национална опсерваторија во Атина издаде предупредување за нов топлотен бран кој викендов ќе ја зафати земјата, со максимални температури што на одредени места ќе достигнат до 42 Целзиусови степени. Според метеоролозите, ваквите екстремни временски услови ќе се задржат во поголем дел од регионите сè до средината на следната седмица.

Метеоролошката служба посочува дека воздушните маси над Грција во моментов се за шест до осум степени потопли во однос на вообичаените вредности за овој период од годината. За анализа на овие температурни промени во долниот дел од атмосферата се користи мерна висина од 1.500 метри.

Прогнозите на Националната опсерваторија покажуваат дека во текот на викендот ќе има дополнителен пораст на температурите. Во повеќето региони живата ќе се движи меѓу 38 и 40 степени, додека во одделни локални подрачја ќе достигне 42 степени.

Иако регионот е навикнат на високи летни температури, Грција оваа сезона досега избегна долги периоди на екстремни жештини какви што беа забележани во земјите од западна и северна Европа.

Првиот краток бран летово траеше само три дена во средината на јули, кога температурите исто така се искачија до 42 степени, главно во централните делови на земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс