На 47. издание на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, реномираните кинематографери Тимо Салминен, Јануш Камински и Суки Меденчевиќ ги отворија работните процеси зад познати филмски и телевизиски проекти. Преку панел-дискусијата во организација на EFA/MFPA и посебен мастерклас, тројцата автори порачаа дека камерата, оптичките решенија и осветлувањето немаат смисла без силна приказна.
Тимо Салминен се наврати на сопствените почетоци и семејниот пат кон подвижните слики. Неговиот татко режирал 36 филмови, а братот веќе работел како директор на фотографија кога Салминен имал само 23 години.
„Така филмот ме зема“, рече тој пред публиката, опишувајќи го патот од асистент за време на студиите, преку фриленс ангажмани на реклами, сè до долгометражните остварувања.
Салминен е автор на препознатливиот минималистички изглед во филмовите на Аки Каурисмаки. Нивното долгогодишно партнерство создаде наслови како Shadows in Paradise, Ariel, The Match Factory Girl, The Man Without a Past, Le Havre и Fallen Leaves.
Јануш Камински се осврна на искуството од снимањето на The Diving Bell and the Butterfly во режија на Џулијан Шнабел. Оваа приказна го следи Жан-Доминик Боби, кој останува целосно парализиран по мозочен удар и се буди по повеќенеделна кома.
За да го пренесе неговото доживување, Камински користел специфични оптички алатки и техники на снимање. Со посебни леќи селективно го водел фокусот, создавајќи искривена перцепција на просторот. Брзината на кадрите и ненадејните поместувања не биле естетски експеримент сами за себе. Според полскиот кинематограф, секоја техничка одлука на сетот мора да произлегува директно од внатрешната состојба на главниот лик.

Во Кино „Манаки“, Суки Меденчевиќ одржа мастерклас фокусиран на работата зад серијата Shining Vale. Станува збор за хорор-комедија во која семејството Фелпс се вселува во стара куќа со мрачно минато, додека мајката Пат се соочува со креативна блокада и натприродни појави.
Меденчевиќ објасни дека пилот-епизодата била снимена на автентична локација во Јужна Пасадина, но продолжението целосно се префрлило во студиски сетови.
„Моравме да создадеме локација исто како куќата во Пасадина. Имавме многу амбиентално светло. Имаше софт светла над прозорците“, рече Меденчевиќ.
Тој често користи светло во средината на сцената за драматичен изглед. Кога буџетот не дозволува скапа расвета, едноставни хартиени топки создаваат меко и природно светло.