„Борис Трајковски“ и официјално стана Т Арена: Најголемата сала во Македонија доби нов лик

Најголемата спортска и концертна сала во земјава го доби новото име Т Арена и целосно променет визуелен идентитет во препознатливата магента боја на Македонски Телеком.

Спортската сала во рамките на СЦ „Борис Трајковски“ и официјално стана Т Арена. Новото име и целосно променетиот визуелен идентитет беа претставени на настан во Скопје, со што започна ново поглавје за најголемата спортска и концертна сала во Македонија.

Промената е дел од стратешкото партнерство меѓу Македонски Телеком и Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Објектот доби ново брендирање, а препознатливата магента боја на Т брендот е поставена и во надворешниот и во внатрешниот простор на арената.

Ново име и нов визуелен идентитет

Со официјалното претставување беше завршена трансформацијата што беше најавена во јуни. Покрај името Т Арена, посетителите отсега ќе ги пречекува целосно освежен простор со нови визуелни елементи и корпоративен идентитет.

Почетокот на новата сезона во Т Арена ќе биде одбележан со голем музички настан за сите граѓани, посветен на јубилејот 35 години независна Македонија. На 2-ри септември, Т Арена ќе биде домаќин на концерт на македонски уметници којшто ќе биде реализиран со поддршка од Македонски Телеком. Деталите за програмата ќе бидат соопштени дополнително од страна на организаторот.

Од Македонски Телеком велат дека промената не претставува само ребрендирање на објектот, туку долгорочно вложување во просторот во кој се одржуваат најголемите спортски, музички и културни настани во земјава.

„Нашата улога отсекогаш одела подалеку од технологијата. Ние сме дел од ова општество и затоа сум особено горд што новата приказна на Т Арена започнува со настан посветен на 35 години независна Македонија – јубилеј што им припаѓа на сите граѓани. Т Арена е наша заедничка визија и верувам дека ќе стане место каде што ќе се одбележуваат уште многу важни јубилеи, ќе се слават големи спортски успеси и ќе се создаваат нови приказни што нè поврзуваат како општество.“- изјави Горан Марковиќ, Главен извршен директор на Македонски Телеком.

Горан Марковиќ, Македонски Телеком

Простор за спорт, концерти и големи настани

Салата во СЦ „Борис Трајковски“ со години е домаќин на најголемите домашни и меѓународни спортски натпревари, концерти, фестивали, саеми и културни манифестации.

Со почетокот на работата на Т Арена, Телеком воведува и нови придобивки за своите корисници. Преку програмата Magenta Moments, корисниците ќе добијат 20% попуст за користење на капацитетите коишто ги нуди СЦ „Борис Трајковски“, како и други поволности и искуства во Т Арена.

Со новото партнерство, најавено е подобрување на искуството за посетителите, привлекување поголем број настани и дополнително позиционирање на Т Арена како регионален центар за спорт, култура и забава.

Иако главната сала го доби комерцијалното име Т Арена, таа и понатаму останува дел од Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Партнерството беше првично објавено на 19 јуни, кога беше најавено дека салата ќе добие ново име и визуелен идентитет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс