На 21 април во 19:30 часот, во културно-социјалниот простор Јадро во Скопје ќе се одржи авторска вечер со хрватскиот писател, критичар и колумнист Борис Постников, кој во моментов престојува во градот како дел од книжевна резиденција.
Постников е во Скопје во текот на април, во рамки на програмата за книжевни резиденции организирана од издавачката куќа „Готен“, со поддршка од европската мрежа „Традуки“. За време на својот престој, тој веќе остварил средби со македонски писатели, издавачи, критичари и читатели, особено во контекст на Саемот на книга.
Како дел од своите активности, Постников одржал и предавање на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, на тема „Книжевна република Југославија“, во рамки на одбележувањето на значајни јубилеи на факултетот и катедрата за компаративна книжевност.
Во своето предавање, тој го разработил концептот на заедничка книжевна сцена во поранешниот југословенски простор, користејќи современи теории за транснационална литература и книжевни мрежи.
Покрај програмата во Скопје, на 27 април Постников ќе учествува и на јавна дебата во Приштина посветена на регионалната културна соработка, заедно со косовските интелектуалци Јетон Незирај и Шкељзен Маличи.
Борис Постников (1979, Сплит) е долгогодишен новинар и уредник во неделникот „Новости“, автор на повеќе книги од областа на книжевната критика и медиумите, а неговата најнова книга „Книжевната република Југославија“ е заснована на неговата докторска дисертација.
За време на престојот во Скопје, тој работи на нова книга, додека самиот град го опишува како место во кое се чувствува „како дома“, со културна и музичка сцена што го инспирира за нови текстови и истражувања.