Климатските промени не се само тема за на часовите по природни науки. Тие влијаат врз здравјето на децата, условите во кои учат, безбедноста на училиштата и вештините што ќе им бидат потребни во иднина. Затоа, образованието за животната средина не може да се сведе на неколку лекции за загадувањето, рециклирањето или глобалното затоплување. Потребно е младите да научат критички да размислуваат, да препознаваат еколошки предизвици и да учествуваат во создавањето решенија.
Но, за тоа да се случи, не е доволно само да се променат наставните програми. Потребни се образовни политики што ќе ја препознаат климатската криза како приоритет, наставници со соодветна поддршка, училишта што применуваат одржливи практики и повеќе можности учениците да учат преку конкретни искуства. Токму ваквиот системски пристап беше во фокусот на предавањето на Боре Пуцоски, координатор на образовни програми во УНИЦЕФ, на 7. Конгрес на еколозите на Македонија во Струга.
Во интервјуто за Трн, Пуцоски зборува за тоа колку е подготвен македонскиот образовен систем за климатските и еколошките предизвици, што значат „зелените вештини“ и како тие можат да ги поврзат училиштата со потребите на идниот пазар на труд. Разговараме и за разликата меѓу интересот на младите за заштита на животната средина и нивното фактичко знаење, и за тоа што треба да се промени за нивната мотивација да се претвори во вистинска способност за дејствување.

Трн: Климатските промени и деградацијата на животната средина сè повеќе влијаат врз секојдневниот живот на младите. Дали нашите образовни системи се подготвени да им ги дадат знаењата и вештините што ќе им бидат потребни за да живеат и работат во таков свет?
Боре: Секој образовен систем мора постојано да се менува и подобрува, адаптирајќи се на околностите и предизвиците. Климатските промени и деградацијата на животната средина се меѓу најголемите предизвици за децата и младите и диспропорционално повеќе ги загрозуваат, нарушувајќи го нивното здравје, добросостојба, нивното учење и можности за иднината. Образованието навистина е една од најмоќните алатки во борбата против овие предизвици но промената на образовниот систем бара многу координација и вложување а ефектите се видливи после подолго време. УНИЦЕФ со поддршка од Шведска работи со Министерството за образование и наука на овие теми од 2020 година.
Веќе забележуваме дека во изминатите години има голем напредок на оваа тема на повеќе нивоа. Ова е навистина важно бидејќи промената во содржината и начинот на подучување мора да е пропратена и со промени во стратешките приоритети и вложувања како и во училишната средина и култура. На ниво на клучни стратешки документи државата веќе ги препознава овие предизвици како приоритетни. Тоа може да се види во новите Концепции за основно и средно образование, новата Стратегија за образование (2026-2032), последниот (4ти) Национален план за климатски промени, и Националната развојна стратегија (2024-2044). На ниво на оперативни процедури усвоени се нови Нормативи и стандарди за училишни згради во кои значително се зајакнати аспектите за одржливост и отпорност на климатски промени, и усвоени се нови протоколи и препораки за справување со топлотни бранови и загадување на воздухот. На ниво на содржини унапредени се голем број наставни програми во основно и средно образование согласно нови стандарди за постигања кои поставуваат силен фокус на животната средина и климатските промени. Конечно, на ниво на настава, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието во изминативе две години ја поставија оваа тема како приоритетна при обука на наставниците, обучувајќи над 6,000 наставници во средно и се очекува над 9,000 наставници во основно образование. Паралелно со овие процеси се развиваат голем број на нови содржини, воннаставни активности и изборни предмети.

Трн: Вашето предавање на 7. Конгрес на еколозите на Македонија е посветено на системската интеграција на образованието за животната средина и климатските промени. Што всушност значи „системски“ пристап и зошто не е доволно еколошките теми да се изучуваат само како одделни содржини во наставата?
Боре: Системскиот пристап на оваа тема подразбира истовремена работа не само на наставата и материјалите за учење и подучување, туку и работа на образовни политики, финансии, физичка инфраструктура, училишна култура и соработка со заедницата. Учениците усвојуваат знаења, вештини и вредности преку тоа што го учат но и преку тоа што го гледаат во и околу училиштето. На пример, начинот на кој се управува со училишните објекти може многу позитивно да влијае врз усвојувањето на вештини и вредности.
Преку UPSHIFT, една од програмите кои УНИЦЕФ ги поддржува, средношколци од средните училишта спроведоа во пракса различни решенија за заштеда на струја, за реупотреба на отпад и рециклирање, за собирање дождовница за полевање на паркови наместо питка вода и слично. Вакви решенија но и се почестите вложувањa во училиштата за обновливи извори на енергија или енергетски ефикасни системи за греење и ладење, влијаат врз ставовите и вредностите на учениците, покажувајќи им дека училиштата во пракса го применуваат тоа што го подучуваат како теорија.
Воннаставните активности и соработката со пошироката заедница се исто така клучни за продлабочување на знаењето и усвојување нови вештини. Преку нив учениците посетуваат организации и локалитети во кои можат да добијат практично искуство на тема животна средина и клима заедно со експерти во овие области. Мрежата за искуствено учење е одличен пример за вклучување на научни организации како дополнителен ресурс на формалното образование. Мрежата ја сочинуваат 11 организации кои нудат практични работилници за учениците од сите возрасти. Многу од овие работилници се спроведуваат и во природа, каде на најнепосреден начин се поврзуваат науката, природата и предизвиците од деградацијата на животната средина.
Системскиот пристап исто така значи дека самиот образовен систем е отпорен на ризици од деградацијата на животната средина и климатските промени. Училиштата мора да ги заштитат децата од ефектите на климатските промени и деградацијата на животната средина, и во исто време да обезбедат континуитет на наставата и учењето. Во изминатата година Министерството за образование и наука усвои нови препораки и протоколи за спроведување на наставата во услови на топлотни бранови и загадување на воздухот. Според нив, училиштата се должни да преземат низа мерки за да ги заштитат учениците, прилагодувајќи ја наставата и секојдневните практики. На пример, доколку има високо загадување на воздухот училиштата се должни да ги откажат активностите на отворено, да избегнуваат интензивни физички активности и да ги затворат надворешните прозорци и врати.

На децата и адолесцентите исто така им требаат можности да учествуваат во обликувањето на одлуките што влијаат врз нивниот живот и нивните заедници. Нивното учество во донесувањето одлуки придонесува за развој на лидерски, застапувачки и вештини за соработка, и истовремено го зајакнува активното граѓанство и општествената кохезија. На оваа тема УНИЦЕФ поддржува младински организации во спроведување на консултативни процеси поврзани со важни стратегии или заложби на државата. На пример, минатата година се одржа првата Локална младинска конференција (LCOY), на која млади од целата земја дискутираа за локалните климатски и еколошки предизвици, и споделија свои идеи за националните приоритети за животната средина кои беа дел од глобалниот младински став пред Конференцијата на ОН за климатски промени (КОП 30).
На крај, на највисоките нивоа на политики, системскиот пристап подразбира препознавање на овие предизвици во стратешките планови за изградба на нови училишни објекти, реконструкција на постоечките објекти, финансирање на образованието и развој на сегашниот и идниот наставен кадар.
Трн: Што треба да знае и да умее еден млад човек денес за да се смета дека има развиени „зелени вештини“? Дали станува збор само за знаење за климатските промени и животната средина или концептот е многу поширок?
Концептот зелени вештини е поширок од само знаења за климатските промени и животната средина. Зелените вештини подразбираат и вештини, вредности и ставови кои стануваат неопходни за функционирањето на одржливо општество. Вообичаено кога ќе се спомнат зелени вештини помислуваме на инженери и техничари во поле како обновливи извори на енергија. Но зелени вештини се всушност потребни во секоја област од работата и општествениот живот. На пример зелени вештини во готварството се знаења за важноста од локално обезбедени и израснати состојки, вештини за ефикасно користење енергија и други ресурси, вредности за намалување на отпадот и храната што се фрла и проактивен став за реупотреба на остатоци преку иновации и партнерства во заедницата.
УНИЦЕФ соработува со Центарот за развој на стручното образование на зајакнување на наставните програми во оваа насока. Во изминативе години се зајакнуваат клучни наставни програми во сите струки при што се дава силен акцент на природните науки (STEM) и иновациите, и се подготвуваат учениците со вештини важни за позелена и поодржлива економија. Практичната настава е подеднакво важна. Во таа насока, се обучуваат и ментори во јавни и научни институции со цел да понудат практична настава за средношколци преку која ќе се развиваат „зелените“ вештини. Институции како Институтот за јавно здравје, Управата за хидрометеоролошки работи, и Сеизмолошката опсерваторија, можат да го поврзат учењето во училница со вистински предизвици и да го поддржат развојот на идни професионалци преку практична настава токму на проблеми кои произлегуваат од зачувувањето на животната средина и справувањето со климатските промени.
Овие можности треба да бидат достапни за секој млад човек. УНИЦЕФ посветува посебно внимание девојчињата и момчињата, вклучувајќи ги и најранливите адолесценти, да имаат еднакви можности да се оспособат и самоуверено да учествуваат во обликувањето на зелената транзиција.

Трн: Како да ги поврземе зелените вештини што ги стекнуваат учениците со реалните потреби на пазарот на труд? Може ли образованието да биде еден од двигателите на зелената транзиција во земјата?
Боре: За да биде зелената транзиција успешна, мора да се осигуриме дека младите луѓе стекнуваат вештини што одговараат на реалните потреби на економијата и пазарот на труд. Работните места на иднината сѐ повеќе ќе бараат зелени вештини, а веќе денес гледаме зголемена побарувачка за кадри во области како обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност и одржливо земјоделство.
Токму затоа е исклучително важно образовниот систем да не ги развива наставните програми изолирано. На пример, во процесот на ревидирање на стручните наставни програми во Северна Македонија активно се вклучуваат претставници од приватниот сектор, кои помагаат содржините да се усогласат со актуелните, но и со идните потреби на пазарот на труд.
Покрај наставните програми, практичното учење исто така има клучна улога. Во основното и средното образование, преку работилници за искуствено учење, програми за зелени социјални иновации и други иницијативи, учениците развиваат преносливи вештини како соработка, решавање проблеми, критичко мислење, креативност и комуникација. Притоа тие решаваат вистински предизвици во својата заедница развивајќи практични решенија. Во стручното образование, пак, учењето преку работа и практичната обука кај работодавачи им овозможуваат директно да се запознаат со зелените технологии, современите работни процеси и очекувањата на компаниите. Тоа е ефективен начин учењето во училница да се претвори во практични вештини и да се зајакне вработливоста на младите.
Со подготвување нови генерации кои имаат знаење, практични вештини и мотивација да придонесат кон поодржлив развој, образованието создава човечки капитал без кој зелената економија не може да се развива.
Трн: И за крај, ако треба да издвоите една промена што веднаш би требало да ја направиме во македонскиот образовен систем за да создадеме генерација со вистински зелени вештини, која би била таа?
Боре: Она што би можеле да го посочиме како еден клучен фактор е дека подобрувањето на резултатите од учењето бара време, доследност и долгорочна посветеност од страна на државата. На темата образование за животна средина и климатските промени, Министерството за образование и наука веќе презема конкретни чекори и важно е овој процес да се поддржи на долг рок од сите релевантни чинители.
Ваквата реформа може да биде забрзана со генерации млади кои имаат желба да бидат дел од решението. Токму тука охрабрува фактот што младите покажуваат висока мотивација, интерес и чувство на одговорност кон животната средина.
Според податоците од ПИСА 2025, 81 отсто од 15-годишните ученици во Северна Македонија сметаат дека можат позитивно да влијаат врз животната средина, 84 отсто веруваат дека со колективно дејствување може да се одговори на еколошките предизвици, а 76 отсто се заинтересирани за кариери што придонесуваат кон заштита на животната средина, наспроти просекот од 62 отсто во земјите на ОЕЦД.
Сепак, само 34 отсто од учениците го достигнуваат основното ниво на знаење и вештини во областа на науката за животната средина, во споредба со 74 отсто во земјите на ОЕЦД. Ова значи дека мотивацијата веќе постои, и преостанува таа мотивација да ја претвориме во знаење и конкретни вештини, пред сè преку вложување, истрајност и системски пристап кон образованието за животна средина и климатските промени.
