Германците сè почесто на боледување, владата подготвува построги правила

Работниците во Германија во 2024 година во просек зеле 22 дена боледување. Најпогодени се здравството и образованието, каде исцрпеноста и недостигот на кадар се сериозен проблем.

Работниците во Германија во 2024 година во просек зеле по 22 дена отсуство од работа поради болест, што е меѓу највисоките просеци на меѓународно ниво.

Податоците на здружението на здравствени осигурителни компании БКК покажуваат дека бројот на боледувања нагло се зголемил во 2022 година, кога било воведено електронско пријавување. Со тоа подобро почнале да се евидентираат и краткорочните отсуства од работа.

Германија сака построги правила за боледување

За да се намали просекот на боледувања, коалицијата предводена од канцеларот Фридрих Мерц планира да ја укине можноста боледување да се отвора телефонски.

Се разгледува и опција работодавците да можат да бараат лекарско уверение уште од првиот ден на отсуство.

Овие мерки се дел од пошироките планови на германските власти за зголемување на продуктивноста, во период кога земјата се соочува со стареење на населението и недостиг на работна сила.

Најпогодени се здравството и образованието

Истражувачите кои ги следат боледувањата, менталното здравје и пазарот на трудот предупредуваат дека проблемот не може да се реши само со построга контрола.

Според нив, најголемиот притисок се гледа во здравството и образованието, каде има хроничен недостиг на персонал, ниски плати, ограничени можности за напредување и високи емоционални барања.

Токму овие услови, како што посочуваат експертите, силно влијаат врз менталното здравје на вработените.

Жените во здравство и образование најчесто отсуствувале

Според податоците на осигурителните компании, во 2024 година жените вработени во здравството и образованието во просек зеле по 27 дена боледување.

Наставниците во просек биле отсутни по 24 дена.

За споредба, вработените во финансискиот сектор користеле просечно по 18 дена боледување, а оние во комуникацискиот сектор по 16 дена.

Прегорувањето не секогаш значи депресија

„Не мора да биде во прашање целосна депресија. Може да биде и состојба на исцрпеност или прегорување на работа како резултат на проблематични услови за работа“, вели Јоханес Зигрист, професор од Универзитетот во Диселдорф.

Менталното здравје е наведено како причина за боледување во 4,8 проценти од случаите. Иако процентот изгледа низок, ваквите боледувања во просек траат многу подолго.

Според најголемата здравствена осигурителна компанија во Германија, АОК, кога причината е поврзана со менталното здравје, боледувањето во просек трае 28 дена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс