Бои кои носат мир во спалната соба според фенг шуи

Ако сакате спалната да биде место за вистински одмор, фенг шуи препорачува смирени и избалансирани нијанси што создаваат чувство на тишина, топлина и хармонија.

Ако сакате спалната соба да делува помирно, потопло и поопуштено, фенг шуи пристапот вели дека изборот на боја не е само естетика, туку и атмосфера. Најдобро поминуваат меките, избалансирани тонови, додека премногу силните и агресивни нијанси можат да го нарушат чувството на одмор.

Според водичот на Tikkurila, за спална соба најсоодветни се смирени бои како жалфија зелена, маглива сина и топол беж, затоа што создаваат поблага и порамнотежена енергија. Наместо впечатливи и силни ѕидови, идејата е просторот да делува тивко, меко и стабилно.

Зелената се издвојува како една од најпосакуваните фенг шуи бои за спална. Таа се поврзува со обновување, раст и чувство на природна свежина, а токму затоа често се препорачува во посветли и понежни варијанти. Во спална соба може да внесе смиреност без просторот да изгледа студено.

И сината може да функционира, но не секоја. Светлите сини нијанси се препорачуваат како помирна опција, додека темните сини тонови, според фенг шуи логиката, може да ја нарушат релаксираната атмосфера и да не бидат најдобар избор за простор наменет за сон.

Неутралните тонови, како светлосива, бела и меки земјени нијанси, се гледаат како сигурен избор ако сакате спална што нема да биде нападна. Но и тука важи мерката: премногу темносива или претерано студен простор може да ја „извади“ енергијата од собата наместо да ја смири.

Во водичот се советува да се избегнуваат премногу интензивни или неонски тонови, особено во близина на креветот, бидејќи тие повеќе асоцираат на активност отколку на одмор. Дополнително, изборот на боја треба да зависи и од ориентацијата на собата: посеверни спални подобро поднесуваат потопли нијанси, а посончевите јужни простории помеки студени тонови.

Едно од практичните правила што се издвојуваат е односот 60-30-10: доминантна боја на ѕидовите, втора боја на мебелот и текстилот, а потоа помали акценти преку перници, слики или декор. Најважно, сепак, е бојата да се тестира во самата просторија, бидејќи светлината во текот на денот може целосно да го смени нејзиниот ефект.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни