Boeing излета од пистата во Мајами и заврши на пат: повеќе повредени, запрен воздушниот сообраќај

Товарен Boeing 767-300 на Amazon Prime Air излета од пистата на аеродромот во Мајами, удри во неколку возила и се запали. Има повеќе повредени.

Товарен авион Boeing 767-300 на Amazon Prime Air излета од пистата по слетувањето на меѓународниот аеродром во Мајами, заврши на пат и удри во неколку возила, по што се запали. Во несреќата има повеќе повредени, а воздушниот сообраќај на аеродромот е целосно запрен.

Инцидентот се случил околу 13:55 часот по локално време, кога товарниот авион излетал од пистата по слетувањето. Станува збор за Boeing 767-300 на Prime Air, кој летал на линијата 7598 од Сан Хуан, Порторико, кон Мајами.

Според прелиминарните информации на американската Федерална управа за цивилно воздухопловство (FAA), авионот излетал од пистата по слетувањето и останал неподвижен.

Од управата на аеродромот потврдиле дека авионот по излетувањето од пистата бил онеспособен.

Авионот удрил во возила и се запалил

Противпожарната служба на округот Мајами-Дејд соопштила дека по пристигнувањето на местото на несреќата затекнала авион што се запалил по судир со неколку возила. На местото биле забележани голем пламен и густ чад. Во интервенцијата биле ангажирани повеќе од 60 пожарникари, кои биле испратени на местото на несреќата веднаш по добиената дојава.

Противпожарната служба соопштила дека има „повеќе повредени лица“, но во моментот на објавување на информацијата не бил соопштен конечен број ниту детали за тежината на нивните повреди.

„Нови информации за состојбата на повредените ќе објавиме веднаш штом бидат достапни“, соопштиле од службата.

Целосно запрен воздушниот сообраќај

Поради онеспособениот авион, американските регулатори наредиле целосен прекин на воздушниот сообраќај на аеродромот во Мајами. Од управата на аеродромот потврдиле дека сите писти и рулници се затворени од 15 часот по локално време, а на сила е целосна суспензија на сообраќајот.

FAA вакви мерки може да воведе за да го контролира воздушниот сообраќај во услови кога има сериозна пречка на аеродромот. Истрагата за причините поради кои авионот излетал од пистата е во тек.

е-Трн да боцка во твојот инбокс