BMW достигна важна пресвртница, компанијата произведе два милиони целосно електрични возила, а брзината со која е постигнат овој резултат покажува колку брзо се развива електромобилноста.
Додека за првиот милион електрични автомобили, почнувајќи од моделот i3 во 2013 година, беа потребни речиси 11 години, за следниот милион биле доволни само околу две години. Јубилејното возило е BMW i5 M60 xDrive, произведено во Германија и наменето за купувач во Шпанија, што ја потврдува силната побарувачка во Европа.
Европскиот пазар во моментов е клучен двигател на електричната транзиција, со раст на продажбата на EV возила од 28% во 2025 година. Денес, секое петто ново возило во Европската унија е целосно електрично.
BMW ја зголемува производството со флексибилен пристап, при што електричните модели се произведуваат на истите линии како и возилата со класични мотори. Ова овозможува побрза адаптација на пазарните промени, иако глобалната побарувачка не расте рамномерно.
Во 2025 година, BMW испорачал 442.072 електрични возила. Сепак, растот е поскромен надвор од Европа. Во САД е забележан пад од 16,7% на продажбата на електрични автомобили, додека во четвртиот квартал падот достигнал дури 45,5% по укинување на државните стимулации. Во Кина исто така има значително намалување на продажбата.
И покрај тоа, компанијата вложува во нови модели. Платформата Neue Klasse веќе го донесе моделот iX3, а се најавуваат и нова електрична Серија 3, електричен X5 и SUV модел од Rolls-Royce. Овие новитети треба да го поттикнат понатамошниот раст на BMW во EV сегментот.
Сепак, конкуренцијата се засилува. Volkswagen веќе го надмина темпото со уште побрзо достигнување на два милиони електрични возила, што покажува дека битката за доминација на EV пазарот во Европа и светот станува сè поинтензивна.