ДНК тест потврди редок феномен: Родени близнаци од различни татковци

ДНК тест за утврдување татковство во Бразил откри редок медицински феномен каде што близнаци имаат различни биолошки татковци. Мајката на момчињата, 19-годишна жена од местото Минеирос во сојузната држава Гојас, направила генетско тестирање откако имала сомнежи за потеклото на децата. Анализите покажале дека само едното дете се совпаѓа со мажот за кого претпоставувала дека е родител.

Жената се сетила дека истиот ден имала сексуален однос со уште еден партнер. Откако и вториот маж бил повикан на тестирање, лабораториските резултати потврдиле дека тој е биолошки татко на второто дете.

Оваа биолошка појава во медицината се нарекува хетеропатерна суперфекундација. Таа се случува кога две јајце-клетки од истата мајка се оплодуваат од сперматозоиди на двајца различни мажи во текот на еден ист овулациски циклус.

Случајот го водеше д-р Тулио Хорхе Франко, кој истакна дека ова е исклучително редок медицински настан. Според достапните научни податоци, во светот се евидентирани само околу дваесетина вакви случаи.

„Бременоста поминала без никакви компликации, а момчињата се родени здрави“, изјави д-р Франко за локалните медиуми, објаснувајќи дека децата делат генетски материјал од мајката, но растат со различни татковски ДНК профили.

Едниот од мажите ги презел правните и родителските обврски за двете деца и официјално ги запишал како свои во матичните книги.

е-Трн да боцка во твојот инбокс