Интернационален успех на македонската театарска уметност- долготрајниовации и аплаузи за Битолскиот театар во Верона

Битолскиот театар со „Кориолан“ доби стоечки овации во Верона на Shakespeare Fringe Festival и ја претстави Македонија на светската сцена.

Стоечки овации, долготрајни аплаузи и публика која не престануваше да ја поздравува екипата – тоа е најубавата слика од гостувањето на Битолскиот театар во Верона.

Меѓународната изведба на „Кориолан“, во режија на Џон Блондел, на Verona Shakespeare Fringe Festival, беше пречекана со исклучителен интерес и воодушевување од публиката. Енергијата што се чувствуваше во салата за време на претставата, а особено по нејзиното завршување, покажа дека театарот навистина нема граници и дека силната приказна допира до секој, без оглед на јазикот и земјата од која доаѓа.

Во Верона паралелно се одржува и 12. Светски Шекспир конгрес, кој ја одбележува 50-годишнината на Интернационалната Шекспир асоцијација. Покрај тоа, на повеќе сцени низ градот се реализира и богата музичка програма. Со ова, градот од 20 до 26 јули прераснува во глобална театарска сцена која пречекува илјадници уметници и истражувачи од целиот свет.

Фестивалот е организиран од Центарот Skenè на Универзитетот во Верона, а меѓу основачите се Џон Блондел, Силвија Биљаци, Сидија Фјорато и Дејвид Скалквик. Концептот на фестивалот ги спојува истражувачите и уметниците, рушејќи ги границите меѓу сценската уметност и науката, отворајќи нови начини на изведба и создавајќи простор за различни интерпретации на делата на Шекспир. Реализацијата е во соработка со Conservatorio di Verona и Teatro Scientifico – Teatro Laboratorio.

„Искрено им благодариме на организаторите на фестивалот за беспрекорното гостопримство, професионалната организација и честа да бидеме дел од ова значајно меѓународно театарско случување“, истакнуваат од НТБ.

Најголемата заслуга, сепак, ѝ припаѓа на актерската, авторската и техничката екипа на НУ Народен театар Битола, која со својата посветеност и професионализам создаде претстава што достојно ја претстави македонската театарска уметност пред меѓународната публика.

Современата адаптација на безвременската трагедија на Вилијам Шекспир отвора актуелни прашања за власта, политичката одговорност и односот меѓу поединецот и општеството. Во претставата играат: Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска.

Асистент на режија е Дамјан Димовски, сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, дизајнот на светло е на Џонатан Хикс, светло-мајстор е Горан Петровски, музиката е на Александар Димовски, видеото на Владимир Переловски, инспициент е Оливер Петровски, а суфлер Мирјана Христовска.

Битолскиот театар на овој престижен фестивал настапи веднаш по премиерата на 66. Охридско лето, со што уште еднаш ја потврди позицијата на македонската театарска сцена на глобалната културна мапа. На фестивалот учествуваат театри од Италија, Велика Британија, Малта, Ерменија и Унгарија.

Во прилог е и видеото од поклонот и долготрајните аплаузи – момент кој останува силно сведоштво за успехот на ова гостување:
https://we.tl/t-pLbO52fomynPdane

„Благодариме, Верона! Ова беше вечер што ќе ја паметиме долго“, порачуваат од Битолскиот театар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс