Започна реализацијата на проектот „Безбедни жици за загрозени птици“: спас и заштита на царскиот орел и мршојадецот

ЕВН Македонија и Македонското еколошко друштво во следните пет години ќе работат на намалување на смртноста кај загрозените видови птици во неколку клучни региони во земјава.

Во Македонија официјално започна меѓународниот проект „Безбедни жици за загрозени птици“, преку кој ЕВН Македонија и Македонското еколошко друштво во следните пет години ќе работат на заштита на царскиот орел и египетскиот мршојадец од ризиците што ги носи електроенергетската инфраструктура. Проектот е кофинансиран преку програмата LIFE на Европската Унија и ќе се спроведува во Македонија, Бугарија и Турција.

На македонска територија активностите ќе бидат насочени кон Овче Поле, Градско, Демир Капија и Тиквешкиот Регион, подрачја што се важни за размножување, миграција и презимување на овие ретки птици. Целта е да се намали ризикот од струен удар и судир со постојната дистрибутивна мрежа, што во моментов претставува една од главните причини за нивната смртност.

Од ЕВН Македонија посочуваат дека заштитата на биодиверзитетот е дел од нивната долгорочна стратегија, а од Македонското еколошко друштво потсетуваат дека соработката меѓу двете страни трае уште од 2010 година, кога биле поставувани гнездечки платформи за белиот штрк, куќарки за модровраната и изолатори на опасни далекуводи во Овче Поле. Со новиот проект, таа соработка сега се продлабочува и добива поширока регионална рамка.

Проектот предвидува воведување нови технологии за поставување изолатори долж дистрибутивната мрежа, како и научно следење на ефектите од тие мерки. Според проектните координаторки, со овие активности треба да се подобри и изолира една четвртина од вкупната електродистрибутивна мрежа во четирите клучни региони во земјава.

Очекувањата се амбициозни: ризикот од смртност од струен удар кај целните видови да се намали за 70 до 90 проценти, а ризикот од судир со инфраструктурата за 50 до 70 проценти. На подолг рок, тоа би можело да придонесе за зголемување на гнездечката популација на царскиот орел и за подобрување на успехот на египетскиот мршојадец во земјава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни