Бетонски цвеќиња и скршени крилја: приказната за спомениците што ги изгради една држава што повеќе не постои

Ниту еден од нив не прикажува војник со пушка. Наместо тоа, апстрактни форми, крилја, песници, цветови и скршени крила од бетон. Десет од најпознатите, од Словенија до Македонија, и приказната за она што им се случи откако исчезна државата што ги подигна.

Меѓу педесеттите и осумдесеттите години на дваесеттиот век, низ цела Југославија беа подигнати илјадници споменици посветени на Народноослободителната борба и на цивилните жртви на фашизмот. Она што ги прави необични до денес не е нивниот број, туку нивниот изглед. Тие речиси никогаш не прикажуваат човечка фигура. Немаат војник, немаат пушка, немаат знаме. Наместо тоа, тука стојат апстрактни бетонски форми, цветови, крилја, песници, отворени пукнатини – кои и денес, педесет години подоцна, изгледаат како да пристигнале од друга планета. Денес се познати под едно име, преземено директно од јазикот на кој се создадени: споменици.

Зошто не изгледаат како обични споменици?

Одговорот е политички, но и уметнички. Југославија по 1948 година се оддели од советскиот блок, а со тоа и од социјалистичкиот реализам, официјалниот стил во кој спомениците требаше да прикажуваат херојски работници и војници во реалистична форма. Ослободена од тој калап, југословенската држава направи нешто ретко: им дозволи на уметниците да работат апстрактно.

Резултатот беше визуелен јазик што не постоеше никаде на друго место. Наместо да прикажуваат кој победил, овие споменици прикажуваат што се случило, раскинување, отпор, растење од уништеното, отсуство. Тоа беше и практична потреба. Во држава од шест републики и десетина народи, апстракцијата беше единствениот јазик што не му припаѓаше на никого поединечно, а можеше да значи нешто за сите.

Митот дека сето тоа го наредил Тито

Во западната литература често се повторува дека спомениците биле наметнати одозгора, по директива на врвот, па дури и лично од Тито. Тоа не е точно.Огромното мнозинство настанале од локални иницијативи. Заедниците сами одлучувале дека сакаат споменик и, во голема мера, сами одлучувале како ќе изгледа. Постоел координативен надзор преку Сојузот на здруженијата на борците, но тој ретко ја диктирал уметничката форма.

Најдобар пример е Козара во Босна, каде што целиот меморијален комплекс бил платен исклучиво од доброволни донации, собрани од над педесет илјади луѓе, чии најголеми дарители и денес се впишани на камени плочи низ комплексот.

Дека уметниците навистина имале слобода, покажува и македонскиот пример. Авторите на Македониумот во Крушево, Јордан и Искра Грабулоски, со години воделе борба со комисијата што го надгледувала проектот. Комисијата инсистирала на потрадиционална, фигуративна форма. Тие одбивале. Конфликтот стигнал до точка кога Искра морала да ја преземе целата комуникација со комисијата, бидејќи односот со Јордан целосно се затегнал. На крајот, нивната визија победила, но со цена. Проектот доцнел толку што го промашил планираниот рок, годишнината во 1973 година.

Зошто бетон?

Изборот на материјал не бил само естетски. Армираниот бетон бил евтин, достапен и можел да добие речиси секаква форма, идеален за држава што истовремено се обновувала од војна и се индустријализирала. Има и симболика. Бетонот бил материјалот на новото, на фабриките, на мостовите, на станбените блокови. Спомениците од бетон не гледале назад кон минатото, туку напред, кон она што требало да следи.

Десет споменици кои и денес будат восхит

1. Илирска Бистрица, Словенија (1965)

Автор: Јанез Ленаси. Меморијален парк посветен на борците на Четвртата југословенска армија, која го ослободила ова подрачје. Едно од најраните дела во целата серија, со форма што ја најавува апстракцијата што ќе следи во наредните две децении.

2. Каменска, Хрватска (1968)

Автор: Војин Бакиќ. Триесет метри висок споменик од бетон, арматура и нерѓосувачки челик, посветен на револуционерната победа на народот на Славонија. Уништен со експлозив во 1992 година, едно од најпознатите разурнувања од тој период.

3. Јасеновац, Хрватска (1966)

Автор: Богдан Богдановиќ. Наречен Каменото цвеќе, иако е изработен од бетон. Стои на местото на поранешниот усташки логор, висок 24 и широк 35 метри.

Бидејќи речиси ништо физички не останало од самиот логор, Богдановиќ го обликувал и самиот терен – со насипи и вдлабнатини ги обележал местата на исчезнатите згради и гробници, претворајќи го пејзажот во дел од споменикот. Цветот е симбол на обнова.

4. Подгариќ, Хрватска (1967)

Автор: Душан Џамоња. Посветен на револуцијата на народот на Мославина. Формата потсетува на распрснато крило или на светилка. На плочата стои дека тука се погребани над 900 борци од пошироката област. Денес е меѓу најфотографираните.

5. Петрова Гора, Хрватска (1981)

Автори: Војин Бакиќ и Берислав Шербетиќ. Висок 37 и широк 40 метри, обложен со плочи од нерѓосувачки челик. Требале десет години за да се изгради. Посветен на востанието на народот на Кордун и Банија, каде што Хрвати и Срби се бореле заедно. Денес се користи и како телевизиски предавател, а внатрешноста е во тешка состојба.

6. Козара, Босна и Херцеговина (1972)

Автор: Душан Џамоња. Цилиндрична форма висока 33 метри, изведена со длабоки вертикални жлебови што создаваат постојана игра на светло и сенка. Посветен на Козарската офанзива од 1942 година, во која загинале близу 30.000 луѓе. Комплексот вклучува музеј и ѕид со имиња.

7. Тјентиште, Босна и Херцеговина (1971)

Автори: Миодраг Живковиќ и Ранко Радовиќ. Долината на хероите, посветена на Битката на Сутјеска од 1943 година. Две огромни бетонски крила што се раздвојуваат – една од најпрепознатливите изведби на идејата за пробив.

8. Бубањ кај Ниш, Србија (1963)

Автор: Иван Саболиќ. Три огромни бетонски песници што се издигаат нагоре. Посветен на над 10.000 српски, еврејски и ромски жртви стрелани на тоа место. Трите песници често се толкуваат како маж, жена и дете.

9. Шумарице кај Крагуевац, Србија

Најпознат по делот наречен Скршено крило. Обележува место каде што за еден ден, во октомври 1941 година, германските окупациски сили стрелале околу 7.000 мажи и момчиња од градот, меѓу нив и цели училишни одделенија.

10. Македониум, Крушево, Македонија (1974)

Автори: Јордан Грабулоски и Искра Грабулоска. Официјално отворен на 2 август 1974 година, на триесетгодишнината од Второто заседание на АСНОМ и на 71-годишнината од Илинденското востание.

Формата е сфера со испакнати отвори налик на прозорци, поставена на највисокото место над градот. Комплексот вклучува крипта, амфитеатар со обоени мозаици и скулптурата „Кинење на синџирите“. Внатрешноста е обоена, што целосно ја руши претставата за студен бетон.

Тоа е и еден од најмалку „напуштените“ споменици од целата серија и денес во него работи музеј, а тој е и главен визуелен симбол на Крушево.

Македонија има и други

Освен Македониумот, во земјава постојат уште неколку дела од истата серија. Во Прилеп стои Споменикот на победата, дело на истиот Богдан Богдановиќ што го проектирал Јасеновац, изграден во 1961 година за дваесетгодишнината од формирањето на локалниот партизански одред. Во Кочани, Споменикот на слободата од 1977 година, дело на Глигор Чемерски, функционира и како костурница.

Она што се случи по 1990 година

Тука приказната станува потемна. Со распадот на Југославија, во голем дел од поранешната држава почна процес на уривање. Точниот број уништени споменици не е познат, но проценките на истражувачите одат во илјадници. Најтешки бранови на разурнување имаше во деведесеттите и во двeилјадитите.

Мотивите беа различни. Некои беа урнати како симболи на држава што повеќе не постоеше. Други и тоа е поважниот дел – беа урнати затоа што потсетуваа на нешто што новите национални раскази не сакаа да го паметат: дека во тие исти краишта, луѓе од различни нации се бореле на иста страна. Кон тоа се додаде и практичниот вандализам. Бидејќи многу од нив содржат метал, бакар и челик, поголем број беа демонтирани од собирачи на секундарни суровини.

Митот за напуштеноста

Постои и спротивна крајност што вреди да се исправи. Кога белгискиот фотограф Јан Кемпенерс во 2010 година објави книга со фотографии на спомениците, светот ги виде за првпат – но во намерно испразнета, обезбоена, речиси постапокалиптична естетика, без луѓе во кадарот. Од тоа настана раширената претстава дека станува збор за напуштени комунистички релјефи среде пустош.

Тоа во голем дел не е точно. Крушево има функционален музеј и амфитеатар полн со деца. Козара и Тјентиште имаат музеи. Јасеновац е активно место на комеморација, каде што секоја година доаѓаат стотици луѓе. Во Прилеп луѓето трчаат околу споменикот. Во Подгариќ деца се качуваат по него.

Она што навистина недостига не се посетители, туку систематско одржување.

Она што остана

Спомениците од таа ера денес се наоѓаат во чудна позиција. Тие се едновремено уметнички дела од светско значење, туристички мотив што привлекува посетители од цела Европа и политички непријатен потсетник за минато што дел од новите држави претпочитаат да не го дискутираат.

Најсилното кај нив, гледано од денешна перспектива, останува токму она поради кое биле создадени како апстрактни форми. Бидејќи не прикажуваат ниту еден конкретен народ, ниту едно знаме и ниту еден лидер, тие не застареле заедно со идеологијата.

Едно бетонско крило што се крши останува бетонско крило што се крши, без разлика која држава стои под него.

е-Трн да боцка во твојот инбокс