Здравствена екипа од службата за Итна медицинска помош во Велес денеска организираше бесплатни здравствени прегледи на отворено за граѓаните.
Пунктот беше поставен на плоштадот С’рмаале, под сенка на повеќевековниот јавор, каде велешани можеа да измерат крвен притисок и гликемија.
Како што информираат од ЈЗУ Здравствен дом Велес, за два часа биле опфатени вкупно 122 граѓани. Кај 81 лице била измерена гликемија, а кај 41 граѓанин крвен притисок.
Од прегледаните, 70 биле мажи, а 52 жени. Дел од нив биле случајни минувачи, додека други за акцијата се информирале преку фејсбук-страницата на Здравствениот дом и дошле на бесплатен преглед.
Од установата најавија дека следната акција за бесплатни здравствени прегледи ќе се одржи во вторник, на 21 јули, од 9 до 11:30 часот.
Локацијата на следниот пункт ќе биде дополнително објавена преку медиумите и преку фејсбук-страницата на ЈЗУ Здравствен дом Велес.