Лабораториум го стартува проектот „ЛИФТ“ со бесплатни работилници за теремин

Младите ќе го истражуваат единствениот инструмент што се свири без физички допир, под менторство на пијанистката и композиторка Ива Дамјановски.

Културниот и едукативен центар Лабораториум во Скопје ја започнува иницијативата „ЛИФТ“, наменета за поддршка и развој на младата публика и независната музичка сцена. Првата активност од оваа програма опфаќа четири бесплатни музички работилници за теремин, кои ќе се одржат од 19 август до 2 септември. Обуката ги нуди основите за совладување на првиот електронски инструмент во историјата, а пријавувањето за сите заинтересирани е отворено до 15 август 2026 година.

Тереминот е создаден пред повеќе од еден век и претставува еден од најнеобичните звучни изуми во светот. Специфичен е по тоа што музичарот не допира ниту една дирка или жица, туку ги движи рацете низ неговото електромагнетно поле за да ги контролира висината и јачината на тонот.

На четирите предвидени средби, учесниците ќе добијат можност практично да ги истражат звучните карактеристики на овој инструмент. Програмата е конципирана така што нуди интерактивен пристап и влез во светот на современото електронско творештво.

Работилниците ќе ги води Ива Дамјановски, пијанистка, композиторка и магистер по музикологија на Универзитетот во Тренто, Италија, како и по музичка интерпретација и композиција на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во Скопје.

Таа е активен член на музичкиот состав Алембик и зад себе има авторски дела за филм, театар, мултимедијални проекти, научни трудови и поетски збирки. Преку практична работа, Дамјановски ќе им ги приближи на учесниците основните техники и креативниот потенцијал на тереминот.

Иницијативата „ЛИФТ“ ги повикува сите млади уметници, ентузијасти и љубопитни истражувачи на звукот да земат учество. За пријавување не е потребно претходно музичко образование или искуство — главен критериум се интересот и желбата за запознавање со нови форми на музички израз.

Бидејќи бројот на учесници е ограничен, селекцијата ќе се врши по принципот „прв пријавен – прв услужен“. Сите заинтересирани треба да го пополнат електронскиот формулар најдоцна до 15 август 2026 година. Проектот го реализира Лабораториум со поддршка од Општина Центар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс