Комерцијална банка и во првата половина од годинава ја задржа убедливата позиција на најтргувана акција на Македонската берза, иако кај дел од најликвидните хартии од вредност е забележан послаб промет.
Меѓу петте најактивни акции има и промена во однос на истиот период лани. Македонски Телеком се искачи на третото место, додека Стопанска банка Скопје, која минатата година беше меѓу водечките пет, испадна од листата.
Комерцијална банка останува најликвидна
Со акциите на Комерцијална банка во првите шест месеци е остварен промет од 839,4 милиони денари, односно околу 13,6 милиони евра.
Во овој период биле реализирани 3.128 трансакции, а истргувани се 30.377 акции по просечна цена од 27.633,13 денари.
Иако прометот е за околу една четвртина помал во споредба со истиот период лани, кога изнесувал 1,1 милијарда денари, Комерцијална банка останува убедливо најликвидното друштво на Официјалниот пазар.
Алкалоид втор, но со голем пад на прометот
На втората позиција повторно е Алкалоид, но со значително послаб резултат во однос на минатата година.
Со 15.645 акции биле реализирани 1.724 трансакции, а вкупниот промет изнесува 392,7 милиони денари, односно околу 6,4 милиони евра.
Просечната цена на акцијата достигнала 25.101,49 денари. Во споредба со првата половина од 2025 година, кога прометот надминал 952 милиони денари, кај Алкалоид е забележано најголемо намалување на трговската активност меѓу водечките акции.
Македонски Телеком се искачи на третото место
Најголемата промена на листата ја донесе Македонски Телеком.
Со 390.824 истргувани акции и 775 трансакции, оваа акција остварила промет од 193,2 милиони денари, односно околу 3,1 милион евра.
Просечната цена изнесувала 494,46 денари. За разлика од лани, кога Телеком не беше меѓу петте најтргувани акции, оваа година се забележува засилен инвеститорски интерес за компанијата.
Макпетрол и НЛБ Банка ја затвораат петорката
Четвртата позиција ја зазема Макпетрол, со промет од 166,3 милиони денари, односно околу 2,7 милиони евра.
Во текот на првото полугодие биле реализирани 474 трансакции, а истргувани се 1.496 акции по просечна цена од 111.200,53 денари. Во однос на минатата година, компанијата се поместила едно место подолу.
Петте најтргувани акции ги заокружува НЛБ Банка, со промет од 165,7 милиони денари, односно околу 2,7 милиони евра.
Со акцијата биле истргувани 2.932 акции преку 649 трансакции, а просечната цена за првото шестмесечје изнесувала 56.515,43 денари.
Пет акции носат најголем дел од прометот
Само овие пет акции генерирале промет од речиси 1,76 милијарди денари, што претставува 84 отсто од вкупниот промет на Официјалниот пазар.
Вкупниот промет на Официјалниот пазар во првата половина од годината изнесува речиси 2,1 милијарда денари.
Податоците уште еднаш покажуваат дека тргувањето на Македонската берза се базира на ограничена понуда, пред сè на банките, но и на акциите на најголемите домашни корпоративни компании.