Берзата во Техеран денеска повторно почна со работа по пауза од околу 80 дена, во услови на економска неизвесност и сè уште нерешена криза меѓу Иран и Соединетите Американски Држави.
Тргувањето продолжи со сериозни ограничувања. Поради воени штети, 42 компании се целосно исклучени од берзанското тргување. Според претставник на берзата, тие компании опфаќаат околу 35 проценти од вкупниот пазарен волумен.
Локалниот весник „Шарг“ објави дека меѓу компаниите чии акции се замрзнати најбројни се фирмите од хемискиот сектор и погоните за преработка на метали. Мерката е воведена за да се спречи можен остар пад на вредноста на акциите, доколку инвеститорите почнат масовно да ги продаваат уделите во компании погодени од воените дејствија.
Во нападите биле оштетени клучни петрохемиски капацитети и челичарници, што дополнително ја зголеми нестабилноста на иранскиот пазар.
И покрај ограничувањата, почетокот на денешното тргување беше слаб. „Шарг“ објави дека само 28 проценти од котираните акции стартувале со позитивен тренд. Сепак, според агенцијата „Фарс“, по околу четири и пол часа тргување, пазарот покажал блага стабилизација, со цени нешто повисоки од оние на почетокот на денот.
Иран во моментов се соочува со длабока економска криза предизвикана од војната. Поморската блокада наметната од САД сериозно го кочи извозот на нафта, кој е клучен за иранската економија. Дополнителен удар врз економската активност беше и блокадата на интернетот, воведена од иранските власти на почетокот на војната.
Уште пред избивањето на конфликтот кон крајот на февруари, во земјата имаше масовни протести поради лошите економски услови. Воените напади во моментов се во прекин поради прогласеното примирје, но преговорите за траен мир и понатаму не даваат резултати.
Повторното отворање на берзата затоа се чита како обид за враќање на дел од економската нормалност, но и како тест за довербата на инвеститорите во услови кога голем дел од пазарот останува замрзнат.