Германската војска воведува задолжително распоредување за да ја комплетира својата 45. оклопна бригада во Литванија. Мерката стана неопходна откако бројот на пријавени доброволци се покажа како недоволен за пополнување на специјализираниот кадар, јавија германските медиуми повикувајќи се на соопштение од Министерството за одбрана во Берлин. Првите наредби за преместување на стотици војници кон балтичката држава се очекуваат веќе до крајот на овој месец.
Одлуката за преминување од доброволна основа на задолжителни наредби за преместување означува значајна пресвртница во кадровската политика на Бундесверот. Досега германските власти се надеваа дека новата постојана мисија на Балтикот ќе ја пополнат исклучиво со припадници кои сами ќе се пријават да служат во странство.
Реалноста на теренот покажа поинаква слика. Иако речиси 80 отсто од предвидените позиции се пополнети со доброволци, дефицитот на стручен и специјализиран кадар наметна издавање директни команди. Првиот бран на задолжителни решенија би можел да опфати до илјада војници.
Целта на Берлин останува непроменета: до крајот на 2027 година 45. оклопна бригада треба да брои околу 4.800 војници и трајно да биде сместена во Литванија. Главната база ќе биде лоцирана во местото Руднинкај, на триесетина километри од границата со Белорусија.
„Одржувањето на оперативната подготвеност на Бундесверот е наш главен приоритет и клучен критериум за сите мерки. Во одлуките што ќе ги донесеме, во најголема можна мера ќе ги земеме предвид и личните интереси на војниците“, соопшти германското Министерство за одбрана.