Берлинската полиција го уби терористот кој ја нападна Парадата на гордоста

Осомничениот Абдул Б. (21), поврзан со исламистичка сцена во Берлин, наводно тргнал кон полицијата со ладно оружје пред да биде застрелан.

Берлинската полиција вечерва го застрела 21-годишниот осомничен Абдул Б. во градинарска населба во Шпандау, откако наводно тргнал кон специјалните полициски единици со ладно оружје. Тој е главен осомничен за нападот со возило врз учесниците на синоќешната Парада на гордоста во Берлин, во кој загина една жена, а 16 луѓе беа повредени. Германските власти го третираат случајот како тероризам со исламистичка позадина.

Берлинската управа за внатрешни работи потврди дека избеганиот осомничен бил пронајден околу 18 часот во градинарска населба во берлинската четврт Шпандау. Според германската агенција dpa, тој наводно тргнал кон полицијата со ладно оружје, по што припадници на специјалната полиција отвориле оган.

Итните служби веднаш започнале со реанимација, но осомничениот починал на местото на настанот.

Германскиот таблоид Билд го идентификува осомничениот како 21-годишниот Абдул Балут, додека полицијата официјално користеше само скратената форма Абдул Б.

Синоќа, бело возило налетало на учесниците на берлинската Парада на гордоста во паркот Тиргартен, во близина на Бранденбуршката порта. Возачот потоа се забил во дрво, го напуштил возилото и побегнал пеш.

Полицијата соопшти дека во нападот починала една жена, а 16 луѓе биле повредени, тројца од нив животно загрозени. Подоцна во текот на денот полицијата соопшти дека состојбата на сите повредени е стабилна и дека никој повеќе не е во животна опасност.

Не е потврдено колку луѓе биле повредени токму од возилото, а колку од наводен напад со ладно оружје кој се случил веднаш потоа. Полицијата не исклучува можност во нападот да учествувало повеќе од едно лице.

Според полициски извори, Абдул Б. во 2025 година патувал во Либан и бил уапсен по враќањето во Берлин. Во истражен затвор останал до мај 2026 година, кога му било наложено учество во програма за дерадикализација.

Билд, повикувајќи се на безбедносни извори, наведува дека осомничениот е германски државјанин со либанско потекло, роден во Берлин во 2005 година. Според истиот извор, порано се обидел да им се придружи на Исламска држава, а на полицијата ѝ бил познат по прекршоци поврзани со тежок напад и изнуда.

е-Трн да боцка во твојот инбокс