Музичкиот продуцент Бени Бланко смета дека паровите треба да го нормализираат испуштањето гасови еден пред друг и дека нема потреба од срам по заеднички оброк. Ваквиот став тој го изнесе во новата епизода од серијалот „SubwayTakes“ со Карим Рахма. Бланко, кој е во брак со поп-пејачката и актерка Селена Гомез, објасни дека станува збор за потполно природна работа што луѓето непотребно ја кријат.
Бланко во разговорот отворено посочи дека навиките на криење само создаваат непотребна тензија меѓу партнерите.
„Тоа е сосема природна работа. Сакам уште на почетокот да расчистиме: сме изеле одличен оброк, било вкусно и навистина нема зошто да се криеме во бањата поради тоа. Гасови се испуштаат, едноставно оставете да се случи“, рече продуцентот.
Сепак, тој појасни дека ова правило важи исклучиво доколку постои взаемна согласност меѓу двајцата партнери и дека нема потреба од претерување. Во хумористичен тон додаде дека неговите звуци потсетуваат на цртан филм, споредувајќи ги со Душко Долгоушко.
Отворениот пристап во врската го потврди и самата Селена Гомез во неодамнешно интервју за списанието „Пипл“. Таа наведе дека и по првата година од бракот сè уште чувствуваат како да се на меден месец, пред сè поради меѓусебното прифаќање.
„Прекрасно е кога имаш партнер кој навистина те слуша и те прифаќа токму онаква каква што си, без оглед на расположението или каков ти бил денот“, изјави 34-годишната Гомез.
За време на гостувањето во утринската емисија „Тудеј“, Бланко откри дека нивната прва брачна годишнина поминала со молскавична брзина, опишувајќи го односот со сопругата како постојан баланс во кој функционираат како најдобри пријатели.
Поради постојаните патувања и деловни ангажимани, продуцентот наведе дека четири месеци немал спиено во сопствениот кревет. Затоа планот за прослава на годишнината е едноставен: целосен одмор дома, парче свадбена торта од замрзнувачот и гледање снимки од свадбените говори.