Бен Афлек го освои милионот во „Милионер“, парите ќе ги донира во Конго

Холивудскиот актер заедно со квиз-шампионот Џејми Динг одговори на последното прашање за да обезбеди средства за борба против еболата.

Американскиот актер Бен Афлек освои еден милион долари во специјалното хуманитарно издание на квизот „Кој сака да биде милионер?“ на телевизијата ABC. Целиот износ ќе биде префрлен на организацијата „Eastern Congo Initiative“ за поддршка на заедниците во Демократската Република Конго и за превенција од ебола.

Афлек го постигна успехот во епизодата што ја водеше Џими Кимел, настапувајќи во пар со Џејми Динг, еден од најуспешните натпреварувачи во историјата на квизот „Jeopardy!“.

Последниот одговор се однесуваше на имињата на мисирките што ги помилувале американските претседатели за Денот на благодарноста. Динг и Афлек точно заклучија дека опцијата „Шпагети и ќофте“ не припаѓа на ниту една од помилуваните птици.

Освоените пари се наменети за невладината организација „Eastern Congo Initiative“, која Афлек ја основаше во 2010 година. За време на емисијата, тој појасни дека хуманитарната помош ќе помогне во ублажување на последиците од кризата со ебола и спречување на нејзиното дополнително ширење во овој африкански регион.

Оваа победа доаѓа една година откако неговиот близок пријател и колега Мет Дејмон исто така освои милион долари во истиот квиз. Дејмон тогаш играше заедно со Кен Џенингс, а средствата ги донираше за својата организација Water.org.

е-Трн да боцка во твојот инбокс